Ослободен е плочникот на плоштадот Пресвета Богородица од паркирани коли, за кои црквата наплатуваше за паркирање. Откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на плоштадот црквата наплатува 1.000 денари за месечен паркинг, Инспекторатот на Град Скопје излезе на терен и им наложи на свештените лица да престанат со незаконска наплата и узурпирање на просторот.
„Сообраќајни и комунални инспектори беа на терен и денеска просторот е слободен. Иако дел од имотот е на црквата сепак тие немаат дозвола за вршење дејност паркирање. Ќе контролираме секојдневно и планираме да ставиме столпчиња во делот каде влегуваат возилата“, вели Мирослав Богдановски раководител на Инспекторатот на Град Скопје.
- МПЦ ЌЕ БИДЕ КАЗНЕТА АКО НАПЛАТУВА ПАРКИНГ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА ПАРКИНГОТ КАЈ ЦРКВАТА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
- НА ПЛОЧНИКОТ НА ПЛОШТАДОТ ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ЦРКВАТА НАПЛАЌА 1.000 ДЕНАРИ ДОНАЦИЈА ЗА МЕСЕЧНО ПАРКИРАЊЕ
САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека целиот плочник пред црквата, просторот меѓу спомениците и фонтаните, како и делот пред новата барокна зграда каде се сместени владини институции и факултетот за филмска уметност е блокиран со коли. Но, на овој плоштад возилата никој не ги казнува, ниту ги подигнува пајак службата бидејќи сопствениците плаќаат на црквата месечен билет за паркирање како донација.
А. АНТЕВСКА