Двајца дипломати вработени во Министерството за надворешни работи со судска одлука се вратени на работа, откако беа избркани поради присуство во Собранието за време на организираниот напад на 27 април 2017 година. Покрај што се вратени на своите работни места во Министерството, ќе им се исплатат и сите плати за месеците откако беа избркани од работа до денес.
Како што објаснуваат од Министерството за надворешни работи, по жалбата на вработените пред Граѓанскиот суд, била донесена судска одлука тие да се вратат на работа бидејќи решението за престанок на работен однос и одлуката на Агенцијата за администрација која одлучувала во втор степен по жалба, се донесени по истекот на рокот во кој можел да биде поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка.
„На овие двајца вработени дипломати ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси. Постапката за третиот дипломат за кој исто така се донесе одлука за престанок на работен однос поради присуство во Собранието на 27 април 2017 година, не е завршена“, велат од Министерството за надворешни работи.
Против тројца дипломати во Министерството беа водени дисциплински постапки врз основа на член 73 став 1 алинеја 22, и член 77 став 4 и член 78 став 3 од Законот за административни службеници, а во врска со член 74 став 2 алинеи 3 и 5 од Законот за надворешни работи и член 21 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи за Министерството за надворешни работи.
„Дисциплинските постапки беа водени поради нивно присуство во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, со што, по мислење на Министерството, постапиле спротивно на Етичкиот кодекс нарушувајќи го угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Поради ова им беше изречена дисциплинска мерка – престанок на работен однос“, велат од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека постапката била поведена откако во септември 2017 година добиле потврда од Министерството за внатрешни работи дека лицата биле во Собранието на 27 април 2017 година.
А. АНТЕВСКА