Експресното разрешување на економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство Ваљон Беља, што се случи пред два дена, според премиерот Зоран Заев се случило бидејќи тропал глупости.
Тој кажа дека со економскиот директор на ГАК од поодамна имало проблеми и дека тој бил еден од директорите, кои биле во дебатата за промена на функционери, кои не си ја работат добро работата.
„Тој веројатно кога слушна дека ќе биде променет истапи со вакви обвинувања“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.
Бела пред два дена на социјалните мрежи ја обвини медицинската директорка на ГАК Викторија Јовановска дека фаворизира фирма за микробиолошки тестови со спецификите во набавките. Јовановска пак излезе со изјава дека тој вака реагира бидејќи одбила да потпише вработување на две лица во неговиот кабинет и дека на набавката за микробиолошки тестови има и негов потпис и ако биле економски неоправдани не требало да потпишува. Таа најави дека ќе поднесе тужба за клевета, а Беља вчера кажа дека докази ќе однесе во обвинителството.
По овие препукувања, министерот за здравство Венко Филипче донесе решение за разрешување на Беља од функцијата економски директор.
Заев за овие препукувања кажа дека ако има индиции за криминални дејствија истражните органи тоа треба да го проверат почнувајќи од него како премиер, па натаму по хиерархијата на извршната власт.
„Без разлика дали станува збор за директорката Јовановска или за Беља истражните органи треба да проверат. Суштината вака да настапи беше тоа што му беше соопштено дека ќе биде разрешен и тој тргна по тој пат. Затоа се случи одлуката на министерот веднаш да биде разрешен, затоа што со соопштување на одлуката и неговиот начин на прифаќање на одлуката да тргне во тој правец може да направи непоправливи штети. Не заради тоа што тој ќе збори одредени работи, туку затоа што тропа глупости од секој можен аспект и нема да дозволиме никој да си игра играчки со институциите и со позицијата што ја има поставено од страна на владата и од неговиот ресорен министер“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА