РАЦИН Е ПОЕТ ПОД ЗАШТИТА НА УНЕСКО ВЕЌЕ 30 ГОДИНИ, КАЖА ПРОФЕСОРОТ ЉУДМИЛ СПАСОВ

    РАЦИН Е ПОЕТ ПОД ЗАШТИТА НА УНЕСКО ВЕЌЕ 30 ГОДИНИ, КАЖА ПРОФЕСОРОТ ЉУДМИЛ СПАСОВПроф. д-р Људмил Спасов на отворањето на 56. Рацинови средби ја покажа книгата издадена од УНЕСКО, со која поетот Кочо Рацин пред триесетина години влегува во изборот на словенските писатели за светско наследство и ја подари на велешкиот Народен музеј. (Фото: СДК.МК)

    Поетот Кочо Рацин е под заштита на УНЕСКО. Ова ново информација, кое малкумина ја знаеле, за првпат на јавноста ја соопшти проф. д-р Људмил Спасов на отворањето на 56. Рацинови средби. Тој како доказ ја покажа книгата издадена од УНЕСКО – Светската организација на ОН која ја промовира културата. Со оваа книга, Рацин пред триесетина години влегува во изборот на словенските писатели за светско наследство.

    „Да знаеме и да бидеме горди, дека Кочо Рацин е под заштита на УНЕСКО, како што и е Охридското Езеро. За жал, држава сме која не знае да ги памети традициите. Малкумина го знаат ова, кое се случи во СФРЈ во средината на 1980-тите години. Тоа беше голема културна акција на УНЕСКО во која се влезени најзначајните словенски писатели. Меѓу сите нив е и Кочо Рацин. Тешко било во рамките на Југославија да се пробие македонски поет, благодарејќи пред сè на Матеја Матевски, Борис Вишински, Рацин влегува во оваа едиција, се преведува и се печати“, професорот Спасов.

    Тој книгата ја подари на велешкиот Народен музеј. Таа е напишана на француски јазик, како еден од официјалните на УНЕСКО, а текстот во неа е дело на академик Александар Спасов.

    Професорот Спасов ја подари книгата на велешкиот Народен музеј (Фото: СДК.МК)

    Информацијата беше презентирана на изложбата на книги „Белите мугри издадени на други јазици“, а книгите се од приватната архива на академик Александар Спасов. Меѓу нив беше и оригиналното издание на „Бели мугри“,  отпечатена 1939 во печатницата на Драгомир Шпулер во Самобор, близу Загреб.

    „Да не заборавиме, тогашниот тираж на книгата бил четири илјади примероци, што за денешни услови во 21 век во земјава е незамисливо“, рече Спасов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира