Група од дваесетина велешани-планинари шест дена ќе пешачат во чест на поетот Кочо Рацин, од неговиот роден град Велес до местото на загинувањето, на планината Лопушник, Кичевско. Маршот се организира по повод 76 години од загинувањето на Коста Солев на 13 јуни 1943. Организатор е еколошката групација „ЕГ Зелена сила“. Тргнуваат утре во пет часот од пред споменикот на Рацин во центарот на Велес.
„Шестдневниот планинарски марш од Велес до Лопушник е во чест на Кочо Рацин – револуционер, вонвременски великан на македонската поезија и една од најсветлите точки во нашата понова историја. Сакаме да му се поклониме на авторот кој силно го светна денот. Попатно ќе посетиме 20-ина села, каде ќе го промовираме Рацин“, рече Игор Смилев, претседател на „ЕГ Зелена сила“.
Вкупна должина на маршот е 156 километри, кои ќе се минат во шест делници со пет ноќевања. Шестиот ден, заедно со делегација на Општина Велес, ќе положат цвеќе на гробот на Рацин на Лопушник.
П. ПЕЧКОВ