Со одлука на Советот на Општината, Охрид доби премиум зона, во која паркирањето ќе чини 100 денари за еден час. Локалната власт со ова сака да го намали сообраќајниот метеж во строгиот центар, особено во летниот период. Новиот ценовник ќе се применува од идниот понеделник.
„Премиум зоната го опфаќа строгиот центар на градот. Тоа е делот од кај Поштата, па до кружниот тек кај градското пристаниште. Цената за еден час паркинг ќе изнесува 100 денари. На овој начин сметаме дека ќе се растовари сообраќајот во овој дел и ќе има повеќе места за паркирање на странските, но и за домашните гости кои не го познаваат градот”, вели директорката на ЈП „Билјанини Извори”, Гордана Јованоска.
Охрид од денеска ослободи простор каде што автобусите ќе можат само да ги качуваат и симнуваат патниците. За таа цел ќе служи паркинг просторот пред универзитетот „Свети Апостол Павле”. Туристичките автобуси тука нема да можат да се паркираат, туку само зад спортската сала „Билјанини Извори”. Цената на паркингот за автобусите ќе изнесува 300 денари за 12 часови, односно 600 денари за 12-24 часови.
Д. ЧУБРИЌ