Давид Хосе Писонеро ќе го води европскиот шампион Вардар од следната сезона, станувајќи трет Шпанец по ред на неговата клупа. Четириесет и шестгодишниот Писонеро доаѓа од редовите на Ваљадолид, чиј тренер беше во претходните две сезони.
„Верувам дека клубот бараше тренер со карактеристики на Парондо, мислам дека негуваме сличен стил на игра. Јас сакам да работам секојдневно и да размислувам така, не гледам далеку пред себе. Горд сум што ќе бидам тренер на Вардар и што ќе бидам дел од Лигата на шампионите“, изјави Писонеро по потпишувањето на двегодишниот договор.
Писонеро ќе се обиде да ја продолжи неверојатната серија на своите сонародници Роберто Гарсија Парондо и Раул Гонсалес, кои во својот прв вистински тренерски ангажман го однесоа Вардар до титулата европски првак. Досегашниот тренер Парондо во иднина ќе биде селектор на Египет.
И покрај тоа што спонзорот Сергеј Самсоненко најави заминување, а и неколкумина играчи веќе најдоа нов клуб (Карачиќ, Милосављев, Рожерио, Криштопанс), доаѓањето на нов странски тренер навестува дека Вардар и во новата сезона ќе има високи амбиции.
Г. КОНЕВ