Концесијата за управување со рибниот фонд од езерото Младост, што ја имаше Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес, истече во август минатата година. Оттогаш, нема кој да се грижи за рибниот фонд во оваа вештачка акумулација, а рибите ги чува полиција.
„Во овој период кога нема концесионер, забранет е риболов, освен за спортски натпревари, кога уловената риба се враќа во езерото. Бидејќи нема никој за да го чува рибниот фонд, ја известивме велешката полиција која врши секојдневна контрола на езерото, дали има недозволен риболов или можеби некој лови со мрежи во отсуство на нашата рибочуварска служба. Досега немаме констатирано такви случаи“, вели Лазар Лазаревски, секретар на ЗСР „Бабуна“.
На почетокот на годинава, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство распишало конкурс за концесија, на кој се јавило друго спортско друштво од Велес, „Металург“, но поради нецелосна документација, тој пропаднал. Во очекување на нов конкурс, од ЗРС „Бабуна“ уверуваат дека ќе се пријават. Концесионерот има обврска да го чува рибниот фонд, но и да го порибува езерото, што на истекот на ланската концесија го сторија риболовците од „Бабуна“ со 370 килограми подмладок на крап.
П. ПЕЧКОВ