ДЕВОЈЧЕТО ОД БИТОЛА СЕ УДАВИ СПАСУВАЈЌИ ЈА БРАТУЧЕТКА Ѝ

    ДЕВОЈЧЕТО ОД БИТОЛА СЕ УДАВИ СПАСУВАЈЌИ ЈА БРАТУЧЕТКА ЍРоднините на починатото девојче обвинуваат дека околу базенот немало обезбедување и дека можело да се влезе без проблем (Фото: СДК.МК)

    13-годишната Џесика Мемишовска вчера се удавила во базенот Довеџик кај Битола обидувајќи се да ја спаси својата 12-годишна братучетка, со која заедно се капеле, раскажуваат роднините на девојчето. Џесика знаела по малку да плива, а со нив имало и други деца, сите од битолската дива населба Картон Маало, која се наоѓа во близина на базенот.

    „Тие се капеле, како што ми кажуваше ќерка ми. Прво во вода рипнала Џесика, а по неа девојчето мое, Медина Камбер. Кога таа скокнала, почнала да тоне, да се дави. Џесика се спуштила да ја спаси братучетка ѝ, но при кревањето пропаднала, а моето девојче го извадија. Во тоа помогна и една друга жена која се најде таму, а имало и други капачи. Моето девојче почна да вика ‘братучетка ми е долу’ и потоа водата го исфрли телото на внуката“, рече Нехру Камбер, чичко на починатото девојче.

    Базенот со кој стопанисува приватен концесионер сѐ уште не е отворен за посетители сезонава. Но, роднините на девојчето обвинуваат дека внатре може да се влезе без проблем. Прашуваат зошто немало обезбедување и бараат одговорност за трагедијата. Велат додека децата се капеле, околу имало луѓе кои го подготвувале теренот за летната сезона, што значи дека не биле сами.

    „Со нив имало и други деца. Ако некој ги спречеше, немаше да влезат внатре. Морало да има обезбедување, објектот морало да биде добро заштитен“, рече Камбер Максимид, чичко на девојчето.

    Ирис Џеловски, претседател на Демократски сили на Ромите од Битола, побара надлежните служби што е можно побрзо и ефикасно да го расветлат случајот и да се преземат потребни мерки за да не дојде до други вакви несакани случаи.

    Базенот Довчеџик е во сопственост на јавното претпријатие „Стрежево“, но од април 2017 бил издаден за стопанисување на приватен концесионер. Тој вчера не сакаше да го коментира настанот. Од „Стрежево“ рекоа дека базенот е издаден под концесија уште од претходното раководство и дека по ова, детаљно ќе ја разгледаат документацијата од договорот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира