Министерството за здравство по повод Светскиот ден на крводарителството повика граѓаните и натаму да бидат хумани и солидарни и да даруваат крв, бидејќи тоа спасува животи. Од Министерството велат дека секоја година изготвуваат посебна програма за организирање и унапредување на крводарителството, а дека годинава средствата во оваа програма се 25 милиони денари (околу 400.000 евра), или за 10 милиони денари (околу 160.000 евра) повеќе од лани.
Со оваа програма опфатени се активности кои ги реализира Црвениот крст, односно врши постојана здравствено-мотивациска работа меѓу населението, подготвува и врши евиденција на крводарителски акции, изготвува информативен материјал, анкетира и изготвува списоци на потенцијални дарители на крв, организира учество на волонтери и доделување признанија на крводарителите.
Од Министерството за здравство велат дека дарувањето крв спасува животи и го подобрува здравјето. Тоа е доброволно, анонимно и бесплатно.
„Секоја здрава личност на возраст од 18 – 65 години може да биде крводарител. Крв може да дарува и лице под 18 години со дозвола од родителите или законскиот застапник, односно старателот“, велат од Министерство..
Крв може да се дарува и во Институтот за трансфузиона медицина, секој работен ден од 8 до 18 часот, и во сабота од 08 до 14 часот. Во Даре Џамбаз, може да се дарува крв секој работен ден од 10 до 17 часот, а во сабота од 9 до 14 часот. Дарителите можат да даруваат крв на акциите организирани со мобилни екипи, чиј распоред се објавува на интернет страницата на Институтот. Информации има на телефонот 02 3226-923, локал 125 при Институтот за трансфузиона медицина.
Е. БОЧВАРОСКА