Шпанскиот оскаровец, сценаристот, режисер и продуцент Педро Алмодовар ќе добие Златен лав за животно дело на Филмскиот фестивал во Венеција. Одлуката за наградата ја донесе одборот на Венециското биенале, по предлогот на директорот на фестивалот Алберто Барбера.
Алмодовар, коj стекна светска слава со филмовите „Сѐ за мојата мајка“ од 1999 и „Зборувај со неа“ од 2002, рече дека со Венеција, градот каде го имаше меѓународното деби во 1983, го врзуваат добри спомени.
„Овој Лав ќе стане мое милениче, заедно со моите две мачки со кои живеам“, рече Алмодовар за признанието.
Барбера за Алмодовар рече дека е „најголемиот и највлијателен шпански режисер после Буњуел“, како и дека е „филмаџија кој ни ги понуди најразличните, контроверзни и провокативни портрети на Шпанија по владеењето на Франко“.
Седумдесет и шестото издание на Венецискиот филмски фестивал ќе се одржи од 28 август до 7 септември.