ПРЕДВРЕМЕ СУДИТЕ ЗА БЕНИ ШАЌИРИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА ПИСМОТО НА УМЕТНИЦИТЕ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НОВ ДИРЕКТОР НА МКЦ

    ПРЕДВРЕМЕ СУДИТЕ ЗА БЕНИ ШАЌИРИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА ПИСМОТО НА УМЕТНИЦИТЕ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НОВ ДИРЕКТОР НА МКЦ„Не можам да коментирам писмо кое не е испратено до мене. Барате да коментирам одлука која не е донесена“, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес конференција со Филхармонијата (Фото: К. Попов)

    „Сме станале народ кој предвреме суди за сѐ и секого“, одговори скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на новинарско прашање дали ќе го земе во предвид писмото кои вчера го испратија 250 културни работници до премиерот Зоран Заев, во кое бараат да спречи менување на сегашниот в. д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција.

    Во отвореното писмо до премиерот се вели дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ.

    Изборот на директор на МКЦ го врши градоначалникот Петре Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. За избор на директор Град Скопје во февруари распиша конкурс, но рекоа дека изборот ќе биде направен по завршување на претседателските избори.

    „Не можам да коментирам писмо кое не е испратено до мене. Барате да коментирам одлука која не е донесена. Комисијата си работи и наскоро ќе информираме кој ќе раководи со оваа институција. И сакам да кажам, сме станеле народ кој предвреме суди за сѐ“, рече денес Шилегов.

    „Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција директор на МКЦ. За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, стои во писмото на културните работници.

    Шаќири редовно настапува на изборните кампањи на СДСМ, а последно настапуваше и на митинзите на претседателската кампања на Стево Пендаровски кој беше кандидат на владејачката партија.

    Во февруари, кога потврди дека се пријавил на конкурсот, Шаќири категорично ги отфрли шпекулациите дека СДСМ ќе го намести него како директор на МКЦ.

    „Немам ниту партиска книшка. И да не бидам избран, јас немам намера да ниту да се жалам ниту да кревам врева околу тоа. Јас сум музичар и јавноста добро ме познава, од фелата сум, не аплицирам за директор на гинекологија“, изјави Шаќири за Независен весник.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира