Во болницата „8 Септември“ е вградено вештачко рамо со помош на инструментариум изработен со 3Д принт технологија. Тоа е прв таков оперативен зафат во земјава, со персонализиран инструменариум за специфична повреда кај 70-годишна пациентка, која неколку години наназад страдала од тежок инвалидитет на рамото предизвикан од скршеница на зглобот.
Операцијата минатиот петок ја изведе тим предводен од д-р Ненад Петков, заедно со д-р Александар Каревски, кој го дизајнираше инструментариумот за оваа операција, д-р Радмила Трајкова – анестезиолог, д-р Мартин Христов и инструментарката Борка Стојановска.
„Пациентката неколку години наназад страдала од тежок инвалидитет на рамото предизвикан од скршеница на зглобот со последична загуба на коскена маса. Поради големиот коскен дефект беше невозможно да се имплантира вештачко рамо со стандардниот инструментариум и без користење на коскен трансплантат од коскена банка. Со изработката на моделот на рамото во 3Д принт технологија можевме да подготвиме веродостоен коскен трансплантат, а со персонализираниот инструментариум тој трансплантат како и самото вештачко рамо прецизно да ги имплантираме“, вели д-р Ненад Петков, специјалист ортопед во „8 Септември“, кој пред една година ја имплантираше и првата реверзна ендопротеза на рамо во државата.
Д-р Петков вели дека со 3Д принт технологијата на одделот за ортопедија добиваат уште една алатка која ќе им помогне во решавањето и на најкомплицираните случаи во рамената ендопротетика, а има огромен потенцијал за нејзина примена и во останатите сегменти од ортопедската хирургија која се работи во болницата.
Вградувањето вештачки рамен зглоб е рутинска операција во болницата „8 Септември“, но во конкретниот случај било невозможно да се имплантира ендопротеза со стандарден инструментариум поради тешките оштетувањата на зглобот од претходна повреда. Затоа, со помош на 3Д принт технологијата бил дизајниран и изработен персонализиран инструментариум, кој му овозможува на хирургот да го поставати имплантот прецизно во посакуваната позиција, значително да го намали ризикот и да го скрати времетраењето на операцијата.
„Процесот на изработка на 3Д печатениот инструментариум започна со изработка и креирање на 3Д модел од зглобот на пациентот кој беше добиен од снимките на компјутерската томографија. Со тоа добивме физички модел на зглобот на кој можевме да ги увидиме сите оштетувања на истиот, да земеме мерки за видот и големината на имплантот и коскениот трансплантат како и да ги измериме точните агли за поставување на вештачкиот зглоб. Следниот чекор беше 3Д моделирање и 3Д печатење на калапот за коскениот трансплантат кој ги пополни сите дефекти во зглобот и кој ни овозможи однапред да го подготвиме трансплантатот и го скрати времетраењето на операцијата за околу 40 минути. По направените мерења на 3Д моделот од зглобот со помош на 3Д моделирање изработивме водич кој ни овозможи да го поставиме вештачкиот зглоб во посакуваната позиција што би било невозможно со стандардниот инструментариум“, го објаснува Д-р Каревски процесот.
Пациентката е веќе пуштена дома и закрепнува добро, а набрзо треба да ѝ се врати квалитетот на животот што го имала пред повредата.
Е. БОЧВАРОСКА