Лео Меси пропушти уште една шанса да освои титула на репрезентативен план, откако Аргентина беше поразена од Бразил со 2:0 во полуфиналето на Копа Америка.
Аргентина нема освоено голема титула веќе 26 години, а во ерата на Лео Меси загуби едно финале на светските првенства и три на Копа Америка (еднаш не успеа да го помине ни четвртфиналето).
„Бразил не беше подобар од нас. Рано примивме гол, а вториот го дадоа по прекршок врз Серхио Агуеро што не беше досуден. Официјални лица проверуваа секакви глупости со ВАР, но не и во оваа ситуација, неверојатно. Тоа се случуваше во текот на целиот натпревар, при секој мал контакт судеа во полза во Бразил и тоа нѐ исфрли од такт. Мислам дека одигравме добар натпревар, а тие воопшто не беа супериорни“, изјави 32-годишниот Меси.
Во неделното финале, Бразил ќе игра со подобриот од дуелот Чиле-Перу, додека на Меси и друштвото им останува борбата за бронзен медал.
Единствената титула што Меси ја има освоено со Аргентина е од Олимписките игри 2008.