ДЕЦАТА ОД МАЛИТЕ ГРУПНИ ДОМОВИ СО ПРОДАЖНА ИЗЛОЖБА НА СВОИ ФОТОГРАФИИ САМИ ЌЕ СИ КУПАТ ФОТО-ОПРЕМА

    ДЕЦАТА ОД МАЛИТЕ ГРУПНИ ДОМОВИ СО ПРОДАЖНА ИЗЛОЖБА НА СВОИ ФОТОГРАФИИ САМИ ЌЕ СИ КУПАТ ФОТО-ОПРЕМАЌе се изложат 28 авторски фотографии на млади фотографи, деца сместени во малите групни домови, дел од процесот на деинституционализација на ЈУ „25 Мај“ во Скопје

    Вечерва во 20 часот во Чифте амам во Скопје ќе се отвори изложбата „Nos Crearе“ на која ќе се изложат 28 авторски фотографии на млади фотографи, деца сместени во малите групни домови, дел од процесот на деинституционализација на Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 мај“ во Скопје. Изложбата е продажна, а целта е со собраните средства младите уметници да купат професионалена фото-опрема.

    Социјалниот работник Александар Митаноски, кој е и координатор на малите групни домови, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека работилниците по фотографија траеле од ноември лани до јуни годинава.

    „Иницијативата произлезе од професионален фотограф кој волонтерски имаше желба и посветено работеше да ги пренесе неговите знаења и фотографски вештини на децата. Во креативните фотографски работилици беа вклучени деца, младинци на различна вораст од 14 до 18 години, од сите пет мали групни домови, кои од првиот до последниот час беа мотивирани да учествуваат и да ги развиваат нивинте фотографски вештини“, вели Митаноски.

    „Главниот мотив или тематика која доминира на фотографиите се природните убанини и панорами од различни места во државава“, вели Митаноски

    На почетокот имале неколку часови за запознавање и неформална дружба со цел воведување во светот на фотографијата и заеднички планирање на работилниците. Понатаму, фотографот ги согледувал капацитетите и афинитетите на децата, се работело индивидуално, во парови и во тимови. Главно, фотографските работилнци биле составени од два делови: едукативен, теоретски дел за основите на фотографијата, а потоа, биле реализирани и теренски фотосафари работилници, односно практичен дел во кој сите заедно излегувале на терен да фотографираат. Работеле на различни локации низ Скопје, (Градски парк, Стара чаршија, Плоштад Македонија, Кале.) а исто така, низ различни локации низ државава како: Крушево, Дојран, Охрид, Галичник, Маврово, Дебар и други места кои изобилуваат со убави пејзажи и панорами.

    „Инспирацијата доаѓаше од самата убавина на местата кои ги посетивме при фотосафари работилниците. Децата имаа можност да истрачуваат и сами да одлучат на која следна дестинација ќе фотографираат. Нашата земја има доста интересни места и предели за да се направат убави фотографии. Главниот мотив или тематика која доминира на фотографиите се природните убанини и панорами од различни места во државава, исто така на фотографиите може да се забележат детали кои се карактеристични за местото, впечатливи елементи и бои кои даваат суштина и значење на фотографијата. Коментарот и позитивниот фидбек за квалитетна и содржинска фотографија од стаана на фотографот и на групата, допринесува за поголема мотивираност и посветеност на младинците во фотографирањето“, рече Митаноски.

    Изложбата, вели тој, ќе биде отворена за сите заинтересирани љубители на фотографијата, институции, организации, бизнис сектор, партнери и подржувачи кои со купување на фотографија, директно придонесуваат за одржливост на проектото и развивање на новите планирани програми.

    „Сите средства собрани од продажба на фотографиите ќе бидат наменети за купување на нова професионална фотографска опрема и ресурси, со цел понатамошно реализарање на работилниците, продолжување на напредно фотографско ниво, обработка на фотографија, и вложување во нови програми и курсеви“, додава тој.

    „Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чувствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање на мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, рече министерката Мила Царовска зимава. – Со Бенџамин Перкс од „УНИЦЕФ“ (Фото: Министерство за труд и социјална политика)

    Митаноски вели дека нивна цел е во наредниот период да ги збогатат програмите за едукација со што слободното време на децата од малите групни домови ќе го посветат на учење занимања, вештини и социјализација.

    „Фотографијата како професија е интересна, но поврзана е со дополнителна и континуирана едукација. Во наредниот период, планираме да се вклучат повеќе деца кои се заинтересирани, а исто така да ги збогариме програмите со курсеви по обработка на фотографија, креирање видеа, графички дизајн, курсеви по ексел, англиски јазик и сл. Имаме многу идеи, потребна ни е само поддшка за целосна имплементација. Мотивацијата кај децата е евиденентна, тие се млади и имат желба да се надоградуваат и да срекнуваат нови практични животни вештини“, кажа Митаноски.

    Процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

    Лани во август, Министерството објави дека за 95 деца се обезбедени услови за вонинституционално сместување. Во мали групни домови од 95-те деца кои се извадени од социјалните институции сместени се 31 дете. На посвојување дадени се 22 деца, а во згрижувачки семејства сместени се 25 деца. 17 од овие деца вратени се на биолошките семејства. До 15 јануари сите деца од домот „11 Октомври“ во Скопје беа сместени во мали групни домови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира