На избирачкиот список за следните избори, кога и да се одржат, покрај имињата на гласачите ќе стои и фотографија идентична со фотографиите од личните карти што се во базата на податоци на Министерството за внатрешни работи, информираат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Државната изборна комисија (ДИК).
Министерството за внатрешни работи веќе и ја испратило на Државната изборна комисија целата база со фотографии на граѓаните од личните карти. Информатичките инженери во ДИК интензивно работат на изработка на специјална апликација со фотографии од граѓаните со право на глас, која треба да биде вградена во Избирачкиот список.
Апликацијата со фотографии ќе биде достапна на денот на изборите, никако претходно.
Со овој нов концепт Избирачкиот список ќе има поинаков изглед од тој што го имаше до сега. Покрај името, презимето, матичниот број, адресата и останатите лични податоци во линијата на секој гласач, ќе биде испечатена и фотографијата што ја има на личната карта.
На денот на изборите ќе се врши проверка на фотографиите. Тоа се прави за да се спречат обидите да се гласа со туѓа лична карта. Право на глас ќе имаат само оние гласачи за кои во проверките ќе се утврди дека личната карта е нивна и чија фотографија на личната карта ќе биде идентична со таа што ќе стои на Избирачкиот список. Тој што биде фатен преку фотографијата дека гласа со друга лична карта, веднаш ќе биде пријавен пред надлежните органи.
На претходните изборни циклуси имало случаи на гласање со туѓи лични карти. Најпогодно тло за овие манипулации беа лицата за кои беше познато дека се во странство (отселени или на подолг престој и работа во странство). Во нивно име, со фалскификувани лични карти гласаа други лица.
Во МВР беа откриени над 30.000 направени, а се уште неподигнати лични карти на наши државјани кои се во странство.
Фотографии ќе има на главниот Избирачки список, но и на таканеречениот потсписок, кој го договорија четирите партии вчера. Станува збор за 176.000 македонски државјани чие право на глас не е спорно, но се смета дека не се во државата.