ОХРИД БАРА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА ЗА ДА ГИ ИСПОЛНИ БАРАЊАТА ОД УНЕСКО

    ОХРИД БАРА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА ЗА ДА ГИ ИСПОЛНИ БАРАЊАТА ОД УНЕСКОМакедонските власти до февруари 2020 треба да достават извештај до УНЕСКО за напредок по препораките. - Нелегалниот хотел во Лагадин (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид чека политичка одлука од централната власт да почне со рушење на дивоградбите, што е една од препораките на УНЕСКО за да не биде ставен регионот на листата на загрозено светско наследство. Градоначалникот Константин Георгиески вели дека Охрид и да сака, не може да се справи сам со проблемот и се пожали дека општината има само еден градежен инспектор и милион и пол денари за отстранување бесправно изградени објекти, па побара помош од државата.

    „Мислите дека општината е способна да се справи со овој проблем? Со еден градежен инспектор и тендер од милион и пол денари за отстранување бесправно изградени објекти. Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите, кои што се години наназад извадени од колосек“, кажа Георгиески на вчерашната прес-конференција по враќањето од 43-тата сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан.

    Уривањето на дивоградбите е една од 19-те препораки на УНЕСКО, а Општина Охрид изработи регистар со 409 бесправно изградени објекти, но Георгиески вели дека од таа бројка, според него, само десетина се големи објекти за рушење, а голем дел од останатите се скали, настрешници, огради и слично.

    „УНЕСКО бара од нас да извршиме евалуација на влијанието на животната средина на тие објекти кои што се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце. Кога зборуваме за објекти, големи“, изјави Георгиески.

    Тој најави дека веќе од утре Општина Охрид ќе почне со активности за исполнување на 18. препорака, а тоа е регулацијата на сообраќајот во Стариот дел на градот Охрид. За таа цел, тој ги повика во Големата општинска сала жителите на Стар Град од 20 часот на средба на која ќе се презентира моделот за регулирање на сообраќајот. Претходно, општината почна со отстранување на неавтохтоните и инвазивни видови (палми) и материјали од центарот на градот (билборди). Останатите препораки се:

    • Ревизија на проектот на пругата кон Република Албанија, автопатот Струга-Ќафасан, проект кој е стар 20 години и воопшто не е предмет на реализација, а беше наведен како еден од забелешките на реактивната мисија во 2017. (Препорака број 1 ,2 и 3)
    • Напуштање на проектот за експресниот пат А3, Охрид – Св. Наум. (Препорака број 4)
    • Трајно напуштање на проектот за Ски Центар Галичица , препорака број 5 .
    • Носење на предлог закон за мораториум на градба во Охридско-Струшкиот регион. (Препорака број 6)
    • Носење на планот со управување со културното наследство. (Препорака број 7 и 8)
    • Формирање на јавното претпријатие Колекторски систем и консолидација и модернизација на колекторот. (Препорака број 13).
    • Изработка на елаборат за оценка на влијание на животната средина на Заливот на коските , кој покажа дека нема влијание врз животната средина и истиот е прифатен од советодавните тела на УНЕСКО , ИКОМОС и ИУЦН. (Препорака 14).
    • Компанијата ЕЛЕМ со цел подобро управување на нивото на Охридското езеро предвиде 240.000 УСД , за воспоставување на систем на електронска регулација на нивото на езерото. (Препорака број 15).
    • Регулација на сообраќајот во Стариот дел на градот Охрид. (Препорака број 18).
    • Изработка на регистарот на Бесправно изградени објекти. (Препорака број 9).
    • Владата во рок од 6 месеци да изработи Планот за управување со културно наследство на Охридски-Струшкиот регион.

    Владата, пак, на седница на 11 јуни, пред да замине македонската делегација во Баку, донесе 14 задолженија, укажувања и препораки за да се исполнат препораките на УНЕСКО.

    1. Се задолжува Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија да формира работна група составена од лицата кои раководат со Министерство за транспорт и врски, Министерство за надворешни работи, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за култура – Управа за културно наследство, Македонски железници, Јавно претпријатие за државни патишта, како и од други институции за потребите на работната група, која ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа-Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО најдоцна до 15 јануари 2020.
    2. Се задолжува Министерството за транспорт и врски, во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и за истиот да ја информира најдоцна до 3 септември 2019-та година.
    3.  Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и истиот да биде доставен до Владата за донесување, најдоцна до 3 декември 2019-та година.
    4. Се задолжува Министерството за култура да овласти стручно лице кое ќе ја координира изработката на Планот за управување најдоцна до јули 2019 година и да го координира процесот на изработка на Планот за управување.
    5. Се задолжува министерот за култура секој месец, отпочнувајќи од септември 2019 година да доставува краток извештај за прогресот на изработка на Планот до Владата на Република Северна Македонија како претточка на седница на Владата.
    6. Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да отпочне со реализирање на Препораката 10 од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, и до Владата да достави предлог за контактна зона на доброто најдоцна до 3 декември 2019-та година.
    7. Се укажува на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија да пристапи кон изработка на премер на катастарските подлоги во старото градско јадро на град Охрид и неговата контактна зона, со цел усогласување на подлогите со реалната ситуација на терен и отворање на можност за изработка на детални урбанистички планови за 19-те споменични целини најдоцна до октомври 2019 и за истото да ја извести Владата.
    8. Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен буџетски корисник, во соработка со ЈП Колекторски систем, при следното буџетирање да алоцира соодветни средства за отпочнување на санација на колекторскиот систем, а министерството за финансии да ги обезбеди истите средства, вклучувајќи и дополнителни средства за премерот на катастарските подлоги во старото градско јадро на град Охрид.
    9. Се препорачува на општина Струга да ги следи препораките на УНЕСКО кои се во нејзина надлежност, и да ги реализира наодите во определениот рок од координираниот инспекциски надзор спроведен од Инспекцискиот Совет на Република Северна Македонија во периодот март-април 2019-та година, долж крајбрежниот појас на Охридското Езеро и за истото да ја информира Владата.
    10. Се препорачува на општина Охрид да продолжи со исполнување на препораките на УНЕСКО, со посебен акцент на препораките 7, 9, 18 и 19 од Реактивната мисија на УНЕСКО и за истото да ја информира Владата.
    11. Се задолжува Генералниот секретар на Владата, во координација со Канцеларијата на претседателот на Владата, во рок од еден месец да изготват предлог за подобрување на составот и работата на Националната комисија за УНЕСКО, со цел подобрување на работата на телото и комуникацијата на Република Северна Македонија со УНЕСКО.
    12. Се задолжува Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија да состави листа на владина делегација која ќе учествува на 43-тото заседание на Комитетот за светско наследство во Баку, Азербејџан најдоцна до 17 јули 2019 година
    13. Се задолжуваат Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Кабинетот на Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања да ја следат имплементацијата на заклучоците од оваа Информација и најдоцна до 15 септември 2019 година да ја извести Владата за прогресот.

    Македонските власти до февруари 2020 треба да достават извештај за напредок по препораките, а на следната 44. сесија Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО ќе се разгледува целокупниот едногодишен напредок на властите во имплементација и отстранување на забелешките.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира