АКО ИМАВ ПУШКА, ЌЕ ГИ УБИЕВ СИТЕ ШТО МЕ АПСЕА, КАЖА ТОНИ МАНЏА НА СУДЕЊЕТО ВО ВЕЛЕС

    АКО ИМАВ ПУШКА, ЌЕ ГИ УБИЕВ СИТЕ ШТО МЕ АПСЕА, КАЖА ТОНИ МАНЏА НА СУДЕЊЕТО ВО ВЕЛЕСОбвинителството го гони Кечев за разбојништвото од 9 јануари годинава во електронското казино во Гевгелија (Фото: СДК.МК)

    Ако имав пушка кога ме апсеа, како што тврди обвинителството, ќе пукав и ќе ги убиев сите, око да не ми трепне. Вака се бранеше Тони Кечев познат како Манџа (40) во Основен суд Велес, каде почна судењето за две кривични дела за кои е обвинет. Нему му се суди за недозволено изработување и држење огнено оружје и за разбојништво. Тој тврдеше дека најдената пушка, главен доказ на обвинителството, му е подметната.

    „Јас сум црна овцаза полицијата во земјава. За работи кои ги сторив во минатото, сега се` ми се товари мене“, рече Кечев, негирајќи дека ги сторил двете кривични дела.

    За разбојништво над Грк во 2010 тој доби 10 години затвор. Претходно, во 1998, беше осуден на 15 години затвор за двојно убиство. Тој пред извесно време во Грција извршил кривично дело разбојништво, за кое бил правосилно осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата за да го избегне издржувањето на изречената казна.

    Наспроти одбраната на Кечев, полицаец од Гевгелија сведочеше како тој бил уапсен и како кај него била пронајдена пушка.

    Околу 4.40 часот, колега кој има термо видеонадзор телефонски ни кажа дека кај Мрзенци има лице кое бега. Не знаевме за кого станува збор, мислевме дека е мигрант и заедно со двајца полицајци колеги од Хрватска тргнавме да го фатиме. Во еден момент, лицето бегајќи фрли ранец и вреќа. Подоцна го фативме во еден дол, а фрлените предмети ги однесовме во полициска станица во Гевгелија. Во вреќата и ранецот имаше пари, штеки цигари, хебла и кратка пушка со две цевки“, кажа сведокот.

    Притоа, на прашање од обвинителката Гордана Тодорова кое е лицето што го фатиле и дали е присутно во судницата, сведокот покажа на Тони Кечев.

    Обвинителството го гони Кечев за разбојништвото од 9 јануари годинава во електронското казино во Гевгелија, кога, заканувајќи му се на касиерот со пушката, одзел 150.000 денари.

    Според бранителот на обвинетиот, адвокатот Александар Стојанов, обвинителството немало директен доказ кој го поврзува обвинетиот со делата за кои му се суди. Судењето на Кечев продолжува кон крајот на август.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира