Режисерот со светско реноме и селектор на драмската програма на Охридско лето Александар Поповски, синоќа го отвори 59. издание на најголемиот летен фестивал во земјава со барање да се отстранат дивоградбите во Охрид, нарекувајќи ги „диво месо“. Емотивното обраќање на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски, а исто така и во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство.
Поповски цитираше дела од „македонскиот Хомер“, како што го нарече Стефановски, од „Диво месо“, „Тетовирани души, „Лет во место“ како и од филмот „Црно семе“ на Кирил Ценевски кој почина минатиот месец.
Поповски во име на уметниците побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното и на природното наследство.
„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а вие слушајте дивоградби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“, рече Поповски.
„Постојат светови и луѓе кои не се она за што медиумите известуваат. За тие светови да останат запишани треба да го славиме уметникот, да го пазиме кога ќе падне, да внимаваме да не му биде прекомотно, ама да не го примораме да стане естрадна звезда за да може да одговара на економските параметри на ова време. Уметноста има правила кои не се дел од ексел табелите. Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафана. Треба да и го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува. И тогаш ќе можеме да се видиме и препознаеме. И тогаш ќе останеме запишани во времето“, рече Поповски.
Од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи Општина Охрид за нејзината територија, согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Покровителот на Охридско лето, претседателот Стево Пендаровски исто така додаде: „Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор“.
Илјадната публика, гостите и уметниците, политичкиот врв на земјата ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој кажа дека на Античкиот театар уште пред два милениуми се ширела уметноста и додаде дека денешните уметници се исправени пред нови предизвици на современото време, но дека гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“.
Охридско лето го отвори мегапопуларната британска ѕвезда, виолинистката Ванеса Меј, со Филхармонијата и со солисти од Националната опера и балет.
На фестивалот кој традиционално трае до 20 август ќе настапат реномирани музичари од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска, а во драмскиот дел, ќе има продукции од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и домашни претстави. Фестивалот ќе се затвори со „Одисеј“, претствата на Стефановски и Поповски, копродукција со ГДК „Гавела“ – Загреб, Театар Улисис – Бриони, Српски народен театар – Нови Сад, СНГ Драма – Марибор, Ателје 212 – Белград, Стериин Театар и Театар Навигатор – Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА