Српската фудбалска легенда Синиша Михајловиќ објави дека ја прекинува тренерската кариера бидејќи боледува од леукемија.
Весникот „Кориере дела сера“ прв утрово објави дека 50-годишниот тренер на Болоња има сериозни здравствени проблеми, што тој го потврди на прес-конференција.
„Не ми е страв, ќе го победам и овој предизвик, без сомнение“, изјави Михајловиќ.
Михајловиќ, кој 14 години играше во Серија А и потоа како тренер водеше неколку клубови, изјави дека веднаш заминува на лекување.
„Тестовите покажаа аномалии што ги немаше пред четири месеци. Не сакав да има шпекулации и решив јавно да ја кажам вистината. Да, имам леукемија, но ќе се соочам со тоа со крената глава и веднаш ја почнувам борбата за заздравување“, рече Михајловиќ.
Тој минатата сезона ја спаси Болоња од испаѓање од Серија А и неодамна го продолжи договорот. Од клубот му дадоа поддршка на Михајловиќ и кажаа дека тој официјално останува тренер.