ВЛАДАТА ГО ИЗМАМИ УНЕСКО ЗА ОХРИД, ВО БАКУ ПОКАЖА ЗАКОН РАЗЛИЧЕН ОД ТОЈ ШТО СЕ СПРЕМА ВО СОБРАНИЕТО

    ВЛАДАТА ГО ИЗМАМИ УНЕСКО ЗА ОХРИД, ВО БАКУ ПОКАЖА ЗАКОН РАЗЛИЧЕН ОД ТОЈ ШТО СЕ СПРЕМА ВО СОБРАНИЕТООхридскиот градоначалник Константин Георгиевски рече дека УНЕСКО не бара да се урнат сите 1076 нелегални градби, туку да направи евалуција како влијаат на заштитеното подрачје и дека според него ќе треба да се урнат десетина објекти; - Нелегалниот хотел во Лагадин. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура до Собранието има доставено Предлог-закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион  чиј текст не е ист со оној за кој кон крајот на годината имаше јавна расправа и кој е презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку, предупредија вчера десетина граѓански организации.

    Спорно е дека новата институција што ќе се создаде со Законот – Советот за Охридскиот Регион – треба за препораките што ќе ги носи да гласа со Бадентерово мнозинство, што според граѓанските организации само ќе отвори можност за дополнителни политички влијанија.

    „Советот за Охридскиот Регион ќе биде советодавно тело, кое дава стручни мислења, препораки и предлози за заштита на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, односно не е одлучувачко тело и затоа не е јасна потребата да се вметне одредбата во Предлог-законот одлуките да се носат со примена на Бадентеровиот принцип“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од граѓанската организација „Еко свест“.

    Група граѓански организации реагираа на предложениот закон кој е во собраниска процедура, со барање Министерството за култура да го повлече, бидејќи сметаат дека ќе создаде простор за локалните моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи Советот, односно дека нема да ја запре реализацијата на инфраструктурни проекти, кои ќе значат натамошно уништување на Охридскиот Регион.

    Советот за Охридскиот Регион ќе има 15 членови, меу нив и од Владата, Министерствата за животна средина, за култура, експерти и од граѓанскиот сектор. Но, граѓанските организации сметаат дека е спорно што во Предлог-законот што е во Собрание накнадно е вметнато во Советот да членува и еден надворешен претставник на предлог на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците.

    Тие сметаат дека ваков начин на носење на одлуки на Советот не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на носење одлуки е воспоставен за да се избегне надгласување на помалите етички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како што се Собранието и Советот на општините, каде избрани преставници носат одлуки во име на граѓаните.

    Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на отворање на пицерија со дива тераса кај Чинарот во Охрид, чиј сопственик е советникот на ДУИ во Општина Охрид Нефи Усеини (Фото: Фејсбук)

    Според граѓанските организации, инсистирање на принципот на Бадентер при носење на одлуките е спротивно на начинот на бирање на членови на Советот за Охридскиот Регион, кои се бираат според нивната функција или позиција во одредена релевантна институција и тоа не мора да значи дека неговиот состав ќе ја одразува етничката структура на државата.

    „Овој член во законот е додаден отпосле, и не е ист со текстот на законското решение за кое имаше јавна расправа лани. Затоа бараме Министерството за култура да го повлече и да го доработи. Ако од една страна велат дека се избориле да не биде ставен Охридскиот Регион на листата на загрозено наследство, тогаш не е во ред да се прават и вакви измени, особено што е различно од тоа што е презентирано во УНЕСКО. Неколку пати кажав дека можеби требаше да се стави на листа на загрозено наследство, бидејќи има премногу закани, а последните дваесет години ништо не е направено. Тоа ќе беше отворен повик до светот за помош во експерти и средства за да се заштити регионот“, вели Чоловиќ-Лешоска.

    Од Владата бараат да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување на законските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот, а кои посебно влијаат на природното и културното наследство.

    Предлог-законот во прво читање минатата недела беше ставен на дневен ред на собраниската Комисија за култура, како и на пленарна седница во прво читање. Собраниската комисија прво ја одложи седницата во текот на истиот ден, а потоа не донесе заклучок со образложение дека расправата се прекинува поради почеток на пленарна седница и дополнително ќе биде презакажана седницата на комисијата.

    УНЕСКО годинава во последниот извештај побара да се запрат какви било урбани трансформации на брегот додека не се донесат законски решенија и механизми за негова заштита, да се направи проценка на нелегалните градби и нивното влијание врз заштитеното подрачје и да се урнат сите оние кои го загрозуваат заштитеното подрачје.

    Владата минатиот месец донесе одлука да постапи по препораките на УНЕСКО и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, општините Охрид, Струга и Дебрца да направат инвентар на нелегални градби, а Министерството за животна средина доби задача да изработи предлог-план за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион.

    Општина Охрид на почетокот на месецот излезе со податок дека изброиле 1.076 нелегални градби, од кои 409 се во заштитеното подрачје. Неколку дена подоцна охридскиот градоначалник Константин Георгиевски рече дека УНЕСКО не бара да се урнат сите нелегални градби, туку да направи евалуција како влијаат на заштитеното подрачје и дека според него ќе треба да се урнат десетина објекти. Тој тогаш рече дека општината не може сама да се справи и побара помош од државата. Претходно општината ги отстрани  неавтохтоните палми и билборди од центарот на градот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира