Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерска средба в петок во Клубот на пратеници со почеток во 14 часот.
Заев ги покани и лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села на средбата, на која, како што најави тој, треба да се разговара за Изборниот законик, иднината на СЈО и за пописот.
Тој рече дека нема многу време и лидерите треба да постигнат консензус за овие прашања за да може земјата да добие датум за преговори во октомври.
„Пред портите на ЕУ сме по скоро 15 години, иако извештајот на Европската комисија е одличен, треба да сториме се за позитивна одлука во октомври. За приоритетните теми ги предлагам Изборниот законик, да се почне на време за да обезбедиме легислатива, а ќе разговараме и за нов изборен модел. Да го затвориме со највисок степен на согласност законот за СЈО. Клучно е да се обезбеди иднината на СЈО и унапредување на правната држава и владеењето на правото. Да постигнеме консензус дека ќе изведеме успешен попис спроведен од Државниот завод за статистика“, кажа Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ викендов кажаа дека би прифатиле лидерска средба само ако се разговара за предвремени избори.