„РЕНО 4“ ОД СТОЈАКОВО ЗАГЛАВИ ПРЕД КИНА, ШУКЛЕВ И НИКОЛОВ НЕ МОЖАТ ДА ПРОДОЛЖАТ ЗА ПЕКИНГ ОТИ НЕМААТ КИНЕСКИ ВОЗАЧ

    „РЕНО 4“ ОД СТОЈАКОВО ЗАГЛАВИ ПРЕД КИНА, ШУКЛЕВ И НИКОЛОВ НЕ МОЖАТ ДА ПРОДОЛЖАТ ЗА ПЕКИНГ ОТИ НЕМААТ КИНЕСКИ ВОЗАЧШуклев и Николов имаат уште 400 километри до крајната цел, но властите им бараат 500 долари на ден за возач (Фото: СДК.МК)

    Возачкиот тандем Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од Стојаково веќе неколку часа се заглавени на монголско-кинеската граница откако кинеските власти им забранија со „рено 4“ да влезат во државата, бидејќи немале ангажирано возач од Кина или туристичка агенција која ќе ги однесе до Пекинг. Кинеските погранични служби побарале „реното“ да го остават на територијата на Монголија, а тие со воз или автобус да ја поминат границата.

    „Реното“ мораше да остане на монголската страна од границата (Фото: СДК.МК)

    Шуклев и Николов повеќе од седум часа стојат во меѓузоната. Се ангажирала и македонската амбасада во Кина, која гарантирала за нив, но засега нема епилог дали тие со „реното“ ќе го продолжат патот кон Пекинг. За случајот е запознато и македонското Министерство за надворешни работи.

    „Кога ја вадевме визата во кинеската амбасада во Скопје, тие знаеја за нашиот планиран потфат дека сакаме со ‘рено 4‘ стар 40 години да возиме до Пекинг. Не ни кажаа дека треба да ангажираме кинески возач, ниту, пак, туристичка агенција, а сите останати документи ги имаме. За жал, не дозволуваат да ја поминеме границата“, ни изјави Николов.

    Тие решија да го остават возилото пред границата со Кина и да продолжат како туристи до Пекинг.

    Шуклев и Николов тргнаа на 29 јуни од Стојаково на авантура долга 23.000 километри. Преку Србија, Унгарија, Украина, Русија и Монголија стигнаа до Кина. Нивната желба беше да дојдат до Кинескиот зид и да покажат дека старите возила се издржливи.

    „Ни преостануваат уште 400 километри. Ни бараат 500 долари на ден за ангажирање возач. Тоа се многу пари кои ги немаме, ниту ни се планирани. Чекаме да видиме што ќе се случи, а, згора на тоа, граничниот премин не работи 24 часа“, објаснува Николов.

    Ако возилото остане на монголската страна, тие стравуваат дека може да биде украдено или оштетено.

    „Запознати сме со проблемот што го има возачкиот тандем Шуклев-Николов од Стојаково на нивното патување со ‘рено 4‘. Во директен контакт сме со нив и со надлежните власти преку нашата амбасада во Пекинг, како и со кинеската амбасада во Скопје. Правиме сѐ што е во наша надлежност во правец на брзо решавање на проблемот“, соопшти Министерството за надворешни работи.

    Министерот Никола Димитров лани ја пофали оваа двојка што реставрираше возило старо 40 години и со него тргна за Франција, а тој лично со повеќе амбасадори ги пречека во Стојаково на враќање.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира