МИЦКОСКИ ЈА ОДБИ ПОКАНАТА НА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА И ПОБАРА ПРИТВОР ЗА КАТИЦА ЈАНЕВА

    МИЦКОСКИ ЈА ОДБИ ПОКАНАТА НА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА И ПОБАРА ПРИТВОР ЗА КАТИЦА ЈАНЕВАПретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека единствено би прифатил лидерска средба ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори. (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја одби поканата на премиерот Зоран Заев да учествува на лидерска средба во петок, на која би се разговарало за иднината на СЈО, пописот и за Изборниот законик. Мицкоски вели дека единствено би прифатил лидерска средба ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори.

    „Гледам дека Заев повикува на лидерска средба во петок, а јас ќе одговорам дека не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за сè и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес е потребно на Република Македонија, датум кога ќе имаме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

    Тој потсети дека работни групи од двете партии работат на темите кои што ги предложи Заев за лидерската средба.

    Заев вчера на прес-конференција јавно го повика Мицкоски на лидерска средба во петок, а ги покани и лидерите на ДУИ и АА, Али Ахмети и Зијадин Села, кои ја прифатија поканата.

    Мицкоски на прес-конференцијата зборуваше и за истрагата на Обвинителството за организиран криминал во која беа уапсени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, а на специјалната обвинителка Катица Јанева ѝ беше одземен телефонот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара притвор за Јанева, иако според обвинителката Вилма Рускоска таа не е под истрага. За притворените Боки 13 и Зоки Кичеец, Мицкоски рече дека се жртвени јагниња.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира