Премиерот Зоран Заев и денеска кажа дека предвремени парламентарни избори како што бара лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да има и дека очекува тој да дојде на лидерската средба вo петок.
„Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам. Мицкоски бара избори, па еве нека дојде на лидерската средба за Изборен законик да зборуваме. Јавното обвинителство не е мое, тоа е на сите што се бориме за правна држава. Мицкоски вели ќе го направи пепел СЈО. Зошто, оти се води истрага против високи членови на ВМРО-ДПМНЕ? Попис само ние и Сомалија немаме направено, да чекаме ли уште 10 години?“, рече Заев.
Заев во понеделникот ги повика Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села на лидерска средба в петок, на која, како што најави тој, треба да се разговара за Изборниот законик, иднината на СЈО и за пописот.
Мицкоски вчера ја одби поканата на премиерот да учествува на лидерската средба, велејќи дека единствено би прифатил лидерска средба ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори.
А. АНТЕВСКА