Четириесет и осум мигранти се пронајдени во товарно возило со скопски регистарски ознаки во близина на валандовското село Грчиште. Полицијата објави дека во возилото „мерцедес атего“ имало 38 државјани на Пакистан и десет на Бангладеш.
Како што соопшти МВР, полициски службеници вчера кај „Македонија пат-Гевгелија“ се обиделе да го запрат возилото управувано од 26-годишниот скопјанец Ж. В., но тој не застанал, туку продолжил да вози кон селото Грчиште. Таму запрел и почнал да бега, но набргу бил фатен и приведен.
При претресот на неговото возило, внатре биле пронајдени 48 мигранти од Азија.
Ж. В. е приведен во полициската станица во Гевгелија и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.