МИЦКОСКИ ПОБЕГНА ОД РАЗГОВОРИ ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ЗА ОТКАЖАНА ЛИДЕРСКА СРЕДБА

    МИЦКОСКИ ПОБЕГНА ОД РАЗГОВОРИ ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ЗА ОТКАЖАНА ЛИДЕРСКА СРЕДБАЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вторникот кажа дека ќе присуствува на лидерската средба само ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори. - Од лидерската средба во јули минатата година (Фото: СДК.МК)

    Владата го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека избегал од разговори во интерес на граѓаните и на државата, откако лидерот на опозицијата ја одби поканата на премиерот Зоран Заев да присуствува на лидерска средба денеска. Заев во понеделникот за денеска закажа лидерска средба, на која што предложи да се разговара за реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, но таа нема да се одржи.

    „За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите. Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатлива за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел. Владата на Република Северна Македонија информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи. Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја“, се вели во соопштението од Владата.

    Мицкоски во вторникот кажа дека ќе присуствува на лидерската средба само ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори.

    „Гледам дека Заев повикува на лидерска средба во петок, а јас ќе одговорам дека не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за сè и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес е потребно на Република Македонија, датум кога ќе имаме предвремени парламентарни избори“, рече тогаш Мицкоски.

    Од Владата најавија дека Заев во 14 часот ќе одржи прес-конференција за причините за откажување на денешната лидерска средба, како и за понатамошните чекори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира