Графити на платно со спреј цртаа лицата со попреченост во резиденцијата на германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих. Амбасадорот и неговата сопруга во дворот на нивниот дом во Скопје ги поканија лицата со хендикеп на дружење, со цртање на графити да се запознаат подобро и да испратат порака дека тие не треба да бидат заборавени туку активно да се вклучат во општествениот живот.
Дружењето беше под мотото „Соушл фрајдеј“, односно движење кое со години е распространето ширум светот преку организирање дружење во петок после работа, за помош на социјални или загрозени категории. Една година под водство на Фикрет Зендели и волонтери од земјава вакви настани се одржуваат и кај нас. Германскиот амбасадор Герберих по запознавањето со Зендели решил ваков настан да одржи и во неговата резиденција.
„Петок е крајот на работната недела и затоа можеме овој ден да го искористиме да направиме нешто убаво, креативно и паметно. Решивме да цртаме графити со спреј и да се дружиме. Покрај малите платна, имаме и едно големо платно кое би ве замолил да го нацртаме сите заедно, а потоа тоа ќе стане слика за мојата дневна соба. Не е важно како и што ќе нацртате, само да е шарено, со сите бои, да ме потсетува на овој убав ден“, рече амбасадорот Герберих.
Лицата со попреченост, гостите и дел од тимот од Германската амбасада заедно со амбасадорот Герберих цртаа на платната, а волонтерите им помагаа на оние кои не можеа поради својот хендикеп сами да цртаат. На големото платно кое треба да стане дел од домот на амбасадорот сите оставија свој печат, а на крај беше напишан датумот кога делото е нацртано.
Зендели кој е со македонско потекло, но е роден и живее во Швајцарија, во Македонија дошол пред неколку години, каде основал фирма и почнал да ги организира дружење по мотото „Соушл фрајдеј“ за ранливи групи граѓани.
„Сакав искуството од вакви дружења да го пренесам и тука. Сакаме да направиме нешто убаво и добро за заедницата, да помогнеме и поттикнеме и пренесеме порака дека сите сме еднакви. Петок е ден кој сите треба да го искоритиме да правиме добри дела“, вели Зендели.
Од сликите кои ги цртаат лицата со хендикеп, Германската амбасада ќе организира изложба, а собраните средства од купените слики ќе се донираат за овие лица.
А. АНТЕВСКА