Претседателот Стево Пендаровски го посети Јордан Цеков-Дане, учесник во НОБ и командант на Третата македонска ударна бригада, во неговиот дом во Скопје во пресрет на 2 Август – Денот на Републиката, што се совпаѓа и со 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Изразувајќи задоволство од можноста да се сретне и поразговара со претседателот Пендаровски, 98-годишниот Цеков потсети на сите премрежја и предизвици со кои се соочил македонскиот народ во минатото и на голем дел од активностите што тој лично ги предводел за време на антифашистичката борба, притоа потенцирајќи дека секогаш сме ги избирале вистинската страна и вистинските сојузници.
На 2 август 1944, Цеков бил командант на третиот баталјон на Третата македонска ударна бригада, што бил задолжен за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Свети Прохор Пчински.
По повод претстојниот празник Илинден, Цеков упати порака до сите граѓани, особено помладите генерации.
„Обединување и заедништво ни се неопходни“, кажа Цеков.
Цеков бил учесник во НОБ од 1941 година и командувал со Третата македонска ударна бригада, со која учествувал во ослободувањето на Скопје. Во повоениот период бил пратеник во Собранието на Народна Република Македонија. Автор е на 18 книги и 122 статии објавени во весници и списанија.