ПОВЕЌЕ СПЕЦИЈАЛИСТИ И АПТЕКИ ЌЕ БИДАТ ДОСТАПНИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА СМЕТКА НА ФЗОМ

    ПОВЕЌЕ СПЕЦИЈАЛИСТИ И АПТЕКИ ЌЕ БИДАТ ДОСТАПНИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА СМЕТКА НА ФЗОМСо проширување на здравствената мрежа се овозможува специјалистите во секундарно ниво на здравствена заштита да изберат во кое место ќе отворат ординација, а околу 20 отсто од аптеките кои немаат договор со Фондот за здравство ќе може да го направат тоа. (Фото: СДК.МК)

    Аптеките кои досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) отсега ќе може да го направат тоа, а специјалистите ќе може да отворат ординации во местото кое ќе го изберат. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Уредбата за мрежата на здравствени установи, што Владата ја усвои на последната седница.

    „Овозможуваме проширување на мрежата на здравствени установи, односно делот на аптеките и руралните аптеки, како и делот на специјалистите од секундарното ниво на здравствена заштита. Со тоа се надминува проблемот со недостатокот на лекови, односно, лековите на рецепт ќе бидат подостапни за пациентите“, велат од Министерството за здравство.

    Со измените се симнува ограничувањето за отворање аптеки и специјалистички ординации кои можат да склучат договор со ФЗОМ, според финансиските можности на Фондот.

    „Специјалистите ќе имаат можност да отворат специјалистичка ординација во место кое самите ќе го изберат, или пак, како нов тим во веќе постоечка ординација, со договор со Фондот. Со отворање ординации младите лекари ќе ги мотивираме да останат и да работат во нашата држава, а пациентите ќе имаат поголема можност да бираат во која специјалистичка ординација сакаат да одат“, велат од Министерството за здравсто.

    Министерот за здравство Венко Филипче проширувањето на мрежата на аптеките ја најави минатиот месец и рече дека  ќе стартува следната година. Тој тогаш рече дека се надева оти со влез на околу дваесет проценти на аптеки кои се надвор од мрежата ќе се надмине проблемот со недостиг на лекови на рецепт во аптеките.

    Од Фондот велат дека ќе им понудат на аптеките кои се надвор од мрежата да склучат ваков договор во рамки на алоцираните средства во буџетот, како и на специјалистите кои сакаат да отворат свои ординации.

    „Ова значи дека ги елиминираме ограничувањата и во периодот кој следи аптеките кои немаат договор со Фондот ќе можат тоа да го направат, како и специјалистите кои сакаат да отворат свои ординации. Тоа значи дека ќе им понудиме, а со тие што сакаат ќе склучиме договор. Тоа ќе го направиме во рамки на алоцираните средства од буџетот и очекувањата тој да расте“, вели Даниел Дончев, директор на ФЗОМ.

    Фондот за здравствено осигурување од јануари до април ги зголемуваше линеарно квотите на 772 аптеки за 12.000 денари, освен за аптеките кои ја надминуваа максималната месечна квота од 650.000 денари.

    Премиерот Зоран Заев неделава кажа дека од септември ќе ги пуштат лековите во аптеките без квоти, и дека има сериозни индиции за злоупотреба на позитивната листа на лекови и издавањето рецепти.

    Министерот Филипче на брифингот со новинарите кажа дека не очекуваат Фондот да потроши повеќе пари со проширување на мрежата на аптеки од оние кои се предвидени за тоа, и дека со воведување на контролни механизми од септември ќе се следи подигањето на рецептите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира