Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои живееле и биле дел од ова поднебје, кажа претседателот на Собранието Талат Џафери на прославата на Денот на републиката 2 август во Пелинце. Како што рече Џафери слоганот на годинашната прослава „Сите сме деца на Илинден“, е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои нè обединуваат и поврзуваат, нè прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.
„Полни 28 години самостојна, суверена, слободна држава. Секоја година со нови предизвици, со многу премрежија и нови кризи. Не беше едноставно, но сепак, сите заедно успеавме да ги надминеме и да чекориме напред кон остварувањето на нашите стратешки цели. Нашето патешествие не одеше секогаш паралелно со нашите амбиции и желби. Секако дека клучната улога ја имаа и секогаш ја имаат тие во чии раце е доверена државата, нејзиниот напредок и развој, нејзината безбедност и сигурност. При тоа мислам на сите, и власт и опозиција, затоа што сите добиле дел од легитимитетот и се разбира и одговорноста што ја дава највисокиот суверен – народот“, рече Џафери.
Во Крушево, на централната прослава на Илинден, зборуваше премиерот Зоран Заев, а во Скопје, од претседателската вила, се обрати претседателот Стево Пендаровски.