Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) соопшти дека во 43 аптеки во Гевгелија, Охрид, Ресен, Дојран и Струга овој месец се укинуваат квотите за лекови на рецепт. Ова е пилот-проект до целосно укинување на квотите на аптеките во целата земја, како што најави Владата.
Фондот вели дека работи на укинување на квотите во сите аптеки и на воведување нови контролни механизми при препишување на лековите на рецепт во ординациите и за подигање во аптеките.
„Лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош. Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не може лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице, кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош“, соопшти Фондот за здравствено осигурување.
Од ФЗОМ напоменуваат дека до целосно укинување на квотите во аптеките, издавањето на лековите на рецепт ќе се врши како и досега. Соопштуваат дека работат на намалување на ризикот од можни злоупотреби и од нерационално препишување и користење на лековите.
„Сите овие заложби треба да овозможат достапност на лекови на рецепт во текот на целиот месец, а не како досега, кога поради исполнетите квоти по одреден ден во месецот, аптеките остануваа без лекови за осигурениците. Моделот на аптеки без квоти како пилот-проект стартува во туристичките места: Гевгелија, Нов Дојран, Охрид, Пештани, Ресен, Крани, Царев Двор и Струга“, велат од ФЗОМ.