Некоку стотини жители на тетовските села Теарце, Глоѓи и Пршовце изминативе неколку денови се пожалиле на големи стомачни тегоби, повраќање и други симптоми. Во Теарце постарите жители не паметат дека вакво нешто се случило последниве децении, се сомневаат дека причината за ова е несиправноста на водата во селскиот водовод.
„Два дена бев со болки во стомакот и повраќање, а потоа и со дијареа. Морав да земам медицинска терапија и сега состојбата ми се стабилизира. Но, не само јас, мислам дека половина Теарце ги имаше истиве проблеми, а заболени има и во селата Глоѓи, Пршовце и другиве околни села.
Сега го прашував докторот од што е ова, од вирус ли е или нешто друго, но ни тој не знаеше точно да ми каже бидејќи сеуште немало добиени резултати. Јас мислам дека ова е од водата што ја пиеме бидејќи овие села се снабдуваат со вода од истиот пводовод. Имаме комунално претпријатие кое го одржува водоводот, ни наплатуваат за тоа, ама не знам како дошло до ова. Откако паметам, последниве 40-50 години вакво нешто не се случило“ вели Злате Серафимовски од Теарце.
Поголемиот дел од заболените се јавиле во локалните медицински амбуланти, а неколку потешки случаи биле третирани и во тетовската Клиничка болница каде после добиената терапија биле пуштени дома.
„Најголемиот број пациенти имавме во вторник и среда, но веќе денес состојбата е вратена во нормала. Сите беа со иста сиптоматологија со повраќање, дијареа и болка во стомакот. Откако добија соодветна терапија нивната состоба се нормализираше. Добро е што од сето ова немаше некои потешки случаи. Причината за ваквата состојба се уште не ја знаеме. Од Центарот за јавно здравје во Тетово зедоа мостри од водата и најверојатно ќе излезат со информации за нејзината состојба. Ова се случува скоро секоја година, но сега беше со поголем интензитет. До денес, само од нашата амбуланта помош побарале околу 300 пациенти од сите возрасти. Според симптомите што ги регистриравме кај нив мислиме дека е вирусно заболување, и тие упатуваат на Рота вирусот, но мора да ги причекаме резултатите за да знаеме со сигурност кој е причинителот за ваквата состојба“, изјави д-р Бетим Лимани од медицинската амбуланта „Медикана“.
Од Општина Теарце велат дека ја следеле состојбата, но ни тие не ја знаат причината за ваквата состојба.
„Според информациите што јас ги имам вакви случаеви имало не само во Теарце туку и и во Јегуновце, Тетово и други населени места. Дури и неколку членови од моето семејство ги имаа овие проблеми. Досега сме немале проблеми со водоводот па затоа ги чекаме резултатите за да видиме дали ове е од водата или е од храна“, вели градоначалникот Исен Асани.
Од Центарот за јавно здравје на Тетово потврдија дека од земените мостри на водата физичко-хемиските параметри се уредни, а додека за микробиолошките наоди потребно е уште време и тие резултати се очекуваат во наредните денови.
З. АНДОНОВ