ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ОД СКОПЈЕ ДО СТРУГА ЗА ПОЕТСКИТЕ ВЕЧЕРИ, НАЈАВИ ДИРЕКТОРОТ ТАСЕВСКИ

    ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ОД СКОПЈЕ ДО СТРУГА ЗА ПОЕТСКИТЕ ВЕЧЕРИ, НАЈАВИ ДИРЕКТОРОТ ТАСЕВСКИ„За да се зголеми достапноста на публиката, за главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево- Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер“, вели директоро Тасевски (Фото: СВП )

    Поетска порака која ќе се чита на свеченото отворање, организиран превоз и пренос во живо од настаните, се дел од новините за 58. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), најави директорот Тодорче Тасевски на денешната прес-конференција за објавување на целата програма. Најголемиот поетски фестивал во земјава ќе се одржува од 21 до 26 август во Струга.

    „Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет“, вели Тасевски.

    Како дел од заложбите за унапредување меѓународен углед и значење на СВП, вели тој, дел од содржините, а особено главните фестивалски читања ќе вклучуваат употреба на повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе се користи и албански и француски јазик. Според програмата, предвидени се повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

    Освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и пренос во живо на официјален Јутјуб канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот низ светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани.

    „Во таа насока, за да се зголеми достапноста на публиката, планираме да обезбедиме организиран превоз по симболична цена за оние љубители на поезијата коишто поради своите работни обврски не се во можност да присуствуваат на повеќе фестивалски денови. За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево- Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер“, вели Тасевски.

    За време на СВП, ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а годинава во конкуренција се: Митко Гогов, Јовица Ивановски, Наташа Сарџоска, Билјана Стојановска и Катица Ќулафкова.

    СВП претходно објави дека романската поетеса Ана Бландијана е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, кој ќе ѝ биде врачен на затворањето на фестивалот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира