Холивудскиот актер Питер Фонда почина на 79 години од рак на бели дробови во неговиот дом во Лос Анџелес, соопшти неговото семејство. Фонда беше косценарист, продуцент и глумеше во класикот од 1969 „Голи в седло“ (Easy Rider) со Џек Николсон и Денис Хупер, кој и го режираше филмот. Питер беше син на Хенри Фонда и помлад брат на Џејн Фонда. Негова ќерка е актерката Бриџет Фонда
„Во еден од најтажните моменти од нашите животи, не сме способни да ги пронајдеме соодветните зборови за да ја изразиме болката од нашите срца. Ве замолуваме да ја почитувате нашата тага и да ни дадете приватност. Додека жалиме по загубата на нашиот прекрасен човек, посакуваме сите да го слават неговиот дух и желбата за живот. Во чест на Питер, да наздравиме за слободата“, стои во соопштението од неговото семејство.
Фонда имаше номинација за Оскар за најдобро сценарио за „Голи в седло“, а во 1997 имаше и номинација за Оскар за најдобар актер и доби Златен глобус за улогата во „Златото на Ули“. „Голи в седло“, независен филм во кој Фонда и Хупер играат дилери на дрога кои на мотор патуваат и американскиот југ и југозапад, го поттикна таканаречениот Нов холивудски бран на филмски автори во 1970-те. Филмот, кој го лансираше и Џек Николсон, го истражуваше социјалниот пејзаж на САД во 1960, со хипи движењето, употребата на дрога и социјалните тензии – меѓу другото, во сцените со дрогирање се користи вистинска марихуана други дроги. Беше голем хит и иако снимен за 400.000 долари, заработи 60 милиони на кино-благајните.