Охридската полиција вчера приведе тројца работници кои биле затекнати во изведување бесправна градба, и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. Но, кој е сопственикот и инвеститорот на куќата не знаат ни во МВР, ни во општина Охрид.
Во Општината велат дека Охрид со ова конечно почна и практично да се придржува на препораките од 43. сесија на Комитетот на УНЕСКО.
Охрид има одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови, со што се воведува мораториум за градба.
„Вчера во 18.15 часот, по барање од Секторот за градежна инспекција при општина Охрид, поради постоење основи на сомнение за изведување бесправна градба на улица Марко Нестороски во Охрид, приведени се градежните работници Л. В. (28), Н. В. (34), двајцата од струшкото село Радолишта, како и Е. Б. (30) од Република Албанија. По целосно документирање на настанот, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава“, соопштија од СВР Охрид.
„Идентификувавме 1.076 предмети за кои е констатирано прекршување на Законот за градење. Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас. Справувањето со овој комплексен проблем не може и нема да се случува на прес-конференции и соопштенија туку преку неуморна и посветена работа. Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки,“ кажа на почетокот од јули градоначалникот Константин Георгиески.
Д. ЧУБРИЌ