Битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ стана болница „Свети Андре“ во филмот „Сирена во Париз“, во режија на Матијас Малзју што од денес почна да се снима во Битола, а в недела доаѓа и шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот режисер Педро Алмодовар. Според распоредот на снимање, таа ќе глуми во филмот и следниот ден, а од филмската екипа велат дека можно е три дена да остане во Битола.
За потребите на филмот, кој е белгиско-француско-македонска копродукција, поставен е и натпис со новото име на болницата. Денес се снимаше во тоалетите, собата за реанимација, ходниците, а следните денови во лобито, чекалниците и на паркингот.
На снимањето во Битола учествуваат актерите Лабина Митевска, која е на распоредот за снимање уште од денес, и Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други. На снимањето во Битола не доаѓа францускиот актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед Ерик Кантона, кој ќе дојде само на снимањето во Скопје.
„Во Клиничката болница во Битола ќе се снима шест дена, од денес до понеделник. Ќе се снима низ оделенијата и пред болницата. Одлуката падна филмот да се снима во оваа установа поради коректноста на менаџерскиот тим и на вработениот персонал. Ги поминавме скоро сите болници во земјава, но одлуката падна да биде тука снимањето. Француските филмаџии лани имаа многу позитивно искуство со снимање филм во земјава и затоа повторно се вратија, задоволни се од соработката со локалниот сервис“, рече Вања Георгиевски, локален менаџер за локации.
И покрај снимањето на филмот, работата во Болницата се одвива нормално и нема никакви проблеми при режимот на влегување.
Дејството на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.
Ќе се снима и во студио во Скопје каде е направен брод на кого ќе бидат сирената и морнарите. Потоа филмаџиите ќе се префрлат во Франција.
Продуцент од македонска страна е „Сестри и брат Митевски“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА