Седницата на Комисијата за прашања за избори и именувања на која треба да се расправа за разрешување на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе биде затворена за јавност. Претседателот на Комисијата Илија Димовски рече дека извештајот на Советот на јавни обвинители е од класифициран карактер и затоа ќе предложи таа да биде затворена, иако тој лично смета дека таа треба да биде јавна.
„Не добивме декласификација на материјалите поради содржината која има повеќе детали од истрагата, за кои јас лично сум сведок. Јас останувам на ставот дека јавноста требаше да биде информирана за начинот на кој работело Специјалното јавно обвинителство не само за овој предмет, туку и за други за кои биле рекетирани безнисмени и политичари“, рече Димовски.
На членовите на Комисијата кои имаат безбедносен сертификат ќе им бидат дадени на разгледување материјалите од Советот на јавни обвинители, внатре во салата.
Одлуката за разрешување на Јанева Комисијата треба да ја донесе со просто мнозинство.
А. АНТЕВСКА