ХОЗЕ ЛУИС АЛКАИНЕ, КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА АЛМОДОВАР, ЅВЕЗДА НА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“ СО „БОЛКА И СЛАВА“

    ХОЗЕ ЛУИС АЛКАИНЕ, КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА АЛМОДОВАР, ЅВЕЗДА НА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“ СО „БОЛКА И СЛАВА“Селекторот Благоја Куновски-Доре со директорката на фестивалот Гена Теодосиевска и директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски на денешната прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    Реномираниот шпански кинематографер и прв пријател на режисерот Педро Алмодовар, Хозе Луис Алкаине, ќе биде специјален гостин на 40. јубилејно издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. На отворањето ќе биде прикажано новото филмско ремек-дело на Алмодовар „Болка и слава“, што организаторите на фестивалот  го сметаат за морален победник на годинешниот фестивал во Кан.

    „Веднаш по официјалната проекција, по отворањето на фестивалот, за публиката во Битола обезбедуваме уште една проекција на филмот. За граѓаните на Битола се обидуваме секоја година да имаат свое место и да го почувствуваат, бидејќи дегутантно ми е тоа кога ќе чујам ‘Еј вие, скопјаните, доаѓате и ни го правите фестивалот во Битола’. Навистина не би сакала повеќе така да се размислува, ова е заеднички фестивал и повеќето од екипата се луѓе од Битола“, рече Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“.

    На отворањето ќе гостува и Џим Шеридан, висок претставник од Европската филмска академија, угледен ирски сценарист, режисер, драматург, но и актер. Тој во Битола ќе остане од 14 до 19 септември. Бил повеќе пати номиниран за Оскар, но не го добил тој туку неговиот актер Даниел Деј-Луис. Познат е по филмовите „Во името на таткото“, „Моето лево стапало, „Боксер“, „Поле“, автобиографскиот филм „Во Америка“ , „Куќата на сништата“.

    Во главната програма за наградите Златна, Сребрена и Бонзена Камера 300 ќе се натправруваат 12 филмови, избрани од три фестивали, седум од Канскиот, три од Берлинскиот и два од Карлови Вари.

    Селекторот Благоја Куновски -Доре најави дека во Центарот за култура ќе бидат прикажани филмовите „Бедници“ од Франција, „Езерото на дивите гуски“ застрашувачка хроника на современото кинеско општество со гангстерското подземје, „Бикот“ на младиот руски снимател од прославената Московска академија Глеб Филатов, кој ќе биде гостин во Битола. Потоа, италијанскиот филм „Пирани“, еден од подобрите филмови од Берлиналето, па победникот „Синоними“ во кој е прикажан животот на млад Израелец кој беа од Париз за да најде нов излез, „Свиркачите“ од Романија, „ Жалиме што ве промашивме“ преку кој е претставено британското општество кое се соочува со последиците од бегзит, „Ајка“ на кименатограферката Јоланта Дилевска, наградувана на фестивалот во Битола, а овојпат во него ја снима животната приказна на емигрантка која се бори за гол живот во Москва.

    Фестивалот на 21 септември ќе биде затворен со „Приказни во слики“ на Роберт Јанкуловски, што всушност е негово најново истражување за браќата Манаки.

    Директорката Теодосиевска ѝ порача на Владата за следните изданија да обезбеди барем две сигурни линии за патување со воз до Битола додека се во тек фестивалските денови, зашто има многу љубители на филм кои сакаат да дојдат, а не можат поради финансии.

    Поради технички проблеми, во изминатиот период времено беше запрена работата на единственото кино во Центарот за култура во Битола, каде се одржува и фестивалот „Браќа Манаки“. Директорката Маја Андоновска-Илијевски најави изјави дека се надминати техничките проблеми и подготвени ќе ги дочекаат гостите и проекциите на фестивалот.

    „Се радувам што технички сме екипирани и подготвени широко да ги отвориме вратите за новото фестивалско издание“, рече Андоновска-Илијевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира