Полицајци на мотори синоќа ги бркаа и казнуваа моторџиите кои дивеат низ скопските улици. Министерството за внатрешни работи Оливер Спасовски на социјалните мрежи објави видео од акцијата на МВР за санкционирање на моторџии, откако во средата во Скопје беа прегазени пет лица. Во акцијата биле казнети 40 моторџии кои возило со поголема брзина од дозволеното.
„Во периодот од 19.30 до еден часот по полноќ, Одделението за безбедност на патниот сообраќај спроведе зајакната акциска контрола за откривање на прекршоци што ги прават возачи на мотори. Министерството за внатрешни работи и во наредните денови ќе продолжи со зајакнати контроли со цел санкционирање на прекршителите на законите“, напиша министерот Спасовски на Твитер.
Во средата на булеварот Партизански одреди на пешачкиот премин во близина на средното училиште „Орце Николов“ беа прегазени четири лица. Деветгодишно дете беше удрено од моторџија на улицата Радишанска, на пешачкиот премин пред основното училиште „Ацо Шопов“.
Двете жени со најтешки повреди што беа примени на КАРИЛ се во стабилна состојба, изјавија од Клиниката.
А. АНТЕВСКА