Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека синоќешните преговори за Законот за јавно обвинителство пропаднале затоа што премиерот Зоран Заев сака да задржи контрола врз обвинителството и, како што кажа тој, таа контрола му треба на Заев за да не одговара за „Рекет“, но и за „Рекет 2“, „Рекет 3“ и „Рекет 4“.
„Заев само сака да задржи каква било контрола врз обвинителството. Да може тој да контролира и управува, да наредува, затвора и заташкува случаи. Таа контрола му треба за да не одговара за „Рекет“, а богами и за „Рекет 2“, „Рекет 3“, „Рекет 4“ и сите останати случаи. Заев сака озаконување на криминалот во сопствените редови. Тој дојде за да овие преговори немаат успех. Човекот има план Ц, откако план б не им успеа. Предметите од СЈО да ги пренесат во Јавното обвинителство и вака Заев си купи мир уште некој месец, но одговорност ќе има“, изјави Мицкоски на прес-конференција во партиското седиште.
- МИЦКОСКИ БАРАШЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ДА ДОЈДАТ ПОД НИВНА КОНТРОЛА ЗА КОНЕЧНО ДА ГИ ЗАПРАТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА
- РУСКОСКА БЕШЕ ЗАМЕНИК НА ЃЕШКОСКА ВО ВРЕМЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, ПА НИКОЈ НЕ МЕ ПРАШАЛ ДАЛИ МИ СЕ ДОПАЃА ТОА ИЛИ НЕ, ГО БРАНИ СТАВОТ ЗАЕВ ДЕКА ТОЈ И МИЦКОСКИ НЕ ТРЕБА ДА МЕНУВААТ ОБВИНИТЕЛ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев дал предлог за формирање Јавно обвинителство за висока корупција, кое би било на исто ниво со обвинителството на Рускоска, а обвинителот треба да биде на предлог на најголемата опозициска партија, во случајот ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај надлежностите што ќе ги има, откако ќе ги преземе 10-темина помошници на Јанева, ќе биде придодадена надлежноста за гонење криминал на избрани или именувани лица со заштитна клаузула во одреден временски период доколку власта не го прифати предлогот на опозицијата, тогаш Советот на јавни обвинители да избере обвинител од редот на овие 10-темина од СЈО. Практично, власта ќе биде мотивирана никогаш да не го прифати предлогот на опозицијата“, вели Мицкоски.
Тој кажа дека Заев не прифатил тоа ново обвинителство да ги истражува Катица Јанева и случајот „Рекет“, иако, како што вели Мицкоски, и таа е избрано лице.
„Знам од каде доаѓа тој порив. Затоа што постои основано сомневање за „Рекет 2, 3, 4, 5“, но и за други кривични дела кои што оваа власт веќе трета година ги прави. Затоа им е потребна Рускоска да ги амнестира и да го заштити Заев за сторениот криминал“, рече Мицкоски.