Стручните соработници и техничкиот персонал во СЈО, меѓу кои се и информатичарите, кои им помагаа на обвинителите и на истражителите, побараа помош од американската и од холандската амбасада, од евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и од претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и од Државниот обвинител Љубомир Јовески зашто стравуваат дека од понеделник остануваат без работа.
„Во услови кога државата беше соочена со сериозни предизвици за својата иднина и кога функционирањето на институциите на системот беше блокирано во секоја смисла на зборот, во услови кога со месеци ниту една институција не го поддржа формирањето на СЈО и неговото екипирање со стручен и помошен кадар, се охрабривме да бидеме крикот на правдата и да се приклучиме на обвинителскиот тим. Притиснати од опструкции, навреди, постојани медиумски напади и етикетирања, свесно прифаќајќи извесен безбедносен ризик за нас и нашите семејства, работевме одговорно, напорно, безрезервно и професионално, доследно почитувајќи ги законите, вложувајќи ги своите напори да создадеме нови професионални стандарди што ќе бидат позитивен пример за сите други институции“, им пишува на амбасадорите и на државниот врв овој кадар на СЈО.
Евентуалната ситуација, а чие настапување е се поизвесно, дека предавањето на предметите кои се водат пред ова обвинителство ќе доведе до беспредметност на неговото постоење директно не засегнува нас и нашите права, велат тие.
„Оттука, секоја намера на преговарачките тимови, која е спротивна на претходно наведените законски одредби ќе ја сметаме како директна повреда на правата од работен однос мотивирана од одмазднички пориви кон вработените и кон сè што тие успеале да постигнат во изминатиот период со искреност и со пожртвуваност кон институцијата во која работат, постапувајќи во делокругот на своите работни задачи определени со законите и согласно организационата поставеност во обвинителството“, велат вработените во СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА