Годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ Едвард Лакман од САД утрово стигна во Скопје. Јубилејното 40.издание на фестивалот ќе почне утревечер во Центарот за култура во Битола.
„Лакман е задоволен е што утревечер ќе му биде врачена наградата на фестивалот што ја слави работата на кинематограферите. Тој е љубопитен да ја запознае земјата во која доаѓа, поставува многу прашања за Македонија, го интересира политиката и животот на луѓето. Исто така е заинтересиран за историјата на фестивалот ‘Браќа Манаки’ и е среќен што е поканет оваа година кога се слави јубилејот. Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, со 2 номинации за Оскар“, велат од „Браќа Манаки“.
Утревечер покрај свеченото доделување на наградата на Лакман, наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ќе ја добие композиторот Љупчо Константинов од Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
На отворањето ќе има перформанс кој го подготвува режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, кој вели дека „се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од ‘филмот’“.
Перформансот го работат со Искра Шукарова и режисерот Јохан Мелин од Шведска. Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски, костимите на Марија Папуческа, а музиката е ремикс на музиката е ремикс на Илија Цветковски од тема од „Среќна нова ’49“ на Љупчо Константинов. Во перформансот (покрај публиката) учествуваат студенти на Факултетот за музичка уметност (катедра за балетска педагогија) и Стефанија Милев.
По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“. На премиерата на филмот ќе присуствува и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.
Б. НЕСТОРОСКА