СО ДРОН ФАТЕН ЧОВЕК ШТО ПАЛИ ОТПАД ВО САРАЈ, ИНСПЕКТОРАТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВУВА СНИМАЊЕ И КАЗНУВАЊЕ СЕКОЈ ДЕН

    СО ДРОН ФАТЕН ЧОВЕК ШТО ПАЛИ ОТПАД ВО САРАЈ, ИНСПЕКТОРАТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВУВА СНИМАЊЕ И КАЗНУВАЊЕ СЕКОЈ ДЕНОд видео снимката идентификувано е лицето и ќе биде казнето со 1.000 евра. (Принтскрин снимка од дрон на Град Скопје)

    Граѓанин од Општина Сарај кој палел органски отпад на својата нива е снимен со дрон од Инспекторатот на Град Скопје. При инспекциски надзор во Сарај, каде секојдневно се палат ниви и стрништа, со дронот е направена снимка како лицето го спалува отпадот, по што се шири густ чад наоколу. Од видео снимката идентификувано е лицето и против него ќе биде поднесена прекршочна пријава.

    „Станува збор за сторен прекршок по член 24а и казнив по член 139 став 1.4 од Законот за управување со отпад. Казната за овој прекршок изнесува 1.000 евра. Во овој случај дронот го употребивме првпат, но тој ќе биде секојдневно ангажиран за снимање на теренот и за откривање на загадувачите на воздухот. Тој поседува и камера за ноќно снимање, па со него ќе се вршат прелети и во текот на ноќта за лоцирање на критичните точки кои предизвикуваат загадување“, велат од Инспекторатот на Град Скопје

    Од таму додаваат дека инспекторите на Град Скопје се континуирано на терен, организирани во дежурства, и ја следат состојбата со загадувачите на животната средина.

    Градот Скопје за сите земјоделци од скопските општини овозможува бесплатно собирање на отпадот. Граѓаните треба да се јават на телефонскиот број 071 395-395 и да им ги остават своите податоци, секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собере растителен отпад и ќе го одложи во „Дрисла“. Досега 38 земјоделци се јавиле во Градот и побарале интервенција  за собирање на отпадот.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира