КАТИЦА ЈАНЕВА ОД ДЕНЕСКА Е НЕВРАБОТЕНА, РАЗРЕШЕНА И ОД ОБВИНИТЕЛ ВО ОЈО ГЕВГЕЛИЈА

    КАТИЦА ЈАНЕВА ОД ДЕНЕСКА Е НЕВРАБОТЕНА, РАЗРЕШЕНА И ОД ОБВИНИТЕЛ ВО ОЈО ГЕВГЕЛИЈАПретседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски на денешната седница на која се расправаше за СЈО. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поради нестручно и несовесно работење, Советот на јавни обвинители ја разреши Катица Јанева и од обвинител. Во петокот Советот ја разреши од специјален, а денеска и од обвинител воопшто. Јанева е во притвор од 21 август, како осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во случајот „Рекет“.

    Помошниците на Јанева, како што објави САКАМДАКААЖАМ.МК, се враќаат од местата кај што дошле.

    Тие не може да се унапредат во виши обвинители како што вели Законот за Специјално обвинителство, зашто тој закон уште постои и не е укинат. Не е укинато со закон СЈО, сѐ уште, рече по денешната седница претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски. Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро се враќаат во Основното јавно обвинителство Скопје, Лиле Стефанова во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Радовиш, зашто во мај 2018 година ѝ престанал мандатот во ОЈО за организиран криминал. Обвинителите од СЈО Бурим Рустеми и Љубомир Лапе се враќаат во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар и Стевчо Донев во ОЈО Кочани.

    За распределбата на предметите на СЈО, рече Колевски, надлежен е Државниот обвинител Љубомир Јовески и Советот не може да се меша во тоа. Денешните судења за предметите на Специјалното обвинителство се одложија по барање на Државниот обвинител Јовески, поради тоа што во тек е попис на добиените предмети и докази од СЈО.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира