Насилството не е решение на проблемите, апелираме лекарите да имаат трпение за своите пациенти, но и граѓаните да знаат дека напад врз лекар е недозволиво и казниво, е заклучокот од денешниот состанок во организација на Лекарската комора, на кој учествуваа Фармацевтската и Стоматолошката комора, Комората на медицински сестри, пратеници од собраниската Комисијата за здравство, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за правда Рената Дескоска, а место министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дојде заменик-министерот Агим Нуухиу.
Лекарската и Стоматолошката комора, како и Комората на медицински сестри побараа од надлежните министерства допрецизирање на законските одредби во случај кога е нападнат лекар или здравствен работник и доследно спроведување на казнените одредби во случаи кога има напад на здравствен работник.
Претседателката на Лекарската комора Калина Старделова-Гривчева рече дека ова е еден од серијата состаноци кои ги иницираат по нападот на лекарот од Клиничката болница во Тетово, кој беше претепан од пациент.
„Денешниот настан е резултат на низа настани кои ги почнавме по нападот на колегата од Тетово. Драго ми е што не го видовте како изгледа колегата од Тетово, не сакам никому тоа да се случи. Никој не треба да биде тепан. Докторите се за пациентите тука, пациентите имаат потреба од наша помош и ние едни со други сме во нераскинлива врска“, рече Старделова-Гривчева.
Таа кажа дека бројот на напади врз лекари постојано расте и дека од шест случаи на нападнати доктори пред пет години, годинава до септември се регистрирани петнаесет слуачи. Според неа, ова не е реалната бројка бидејќи многу колеги не ги пријавуваат заканите и нападите. Таа побара од надлежните министри и од пратениците што побрзо да се донесе Законот за лекарска дејност со кој се дефинира и ова прашање, како и доследна примена на казнените одредби во случај кога е нападнат лекар.
„Довербата меѓу докторите и пациентите е многу важна, како и нашите пациенти и ние сме луѓе. Нашата соработка знае некогаш да не даде позитивен ефект како што би очекувале пациентите, некогаш и докторите знаат да бидат дел од прикаската. Апелираме, пред сè нашите колеги да имаат трпение кон своите пациенти, да се сетат дека се по нивна желба станати доктори, доктори по дентална медицина, фармацевти, но и да апелираме и до пациентите да си пружиме рака“, рече Старделова-Гривчева.
Министерката за правда Десковска рече дека и со сегашните законски прописи лекарите се службени лица, исто како и полициските службеници или службениците од областа на безбедноста.
„При вршење на службената должност, доколку дојде до напад на лекар казните кои се предвидени се еднакви како казни за напад на полицаец или на лице во областа на безбедноста. Граѓаните треба да бидат свесни дека законската заштита што ја имаат лекарите и кои се луѓе кои ја вршат најхуманата професија на светот, не заслужуваат и не смеат да бидат подложени на нехумано однесување од нивна страна. Треба да јакне свеста за казните и за улогата која ја имаат лекарите, но и да има разбирање и за нивната професија која често пати е обременета со пречки кои не се во нивен домен, кои тие не може да ги отстранат и тоа предизвикува нервоза и нетрпение“, рече Дескоска.
Дескоска вели дека според законот, следи казна од 1-10 години затвор за нанесување тешка телесна повреда на здравствен работник. Тој кој ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне здравствен работник – парична казна или казна затвор до 3 години. Доколку сторителот со употреба на оружје или друго опасно орудие го малтретира или го навредува здравствениот работник, или телесно го повреди – ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години.
Кон барањето да се донесат соодветни законски решенија се придружи и претседателот на Стоматолошката комора Маријан Денковски, кој рече дека треба да се донесе и Закон за стоматолошка дејност.
Виолета Котевска, претседател на Комората н амедицински сестри, исто така побара во законските решанија да се вметне дека треба да бидат заштитени и останатите здравствени работници.
„Апелирам да се стави крај на насилството, особено што медицинските сестри најчесто се на таргет во вакви случаи, особено оние што работат во ургентните центри и на одделнијата за интензивна нега“, рече Котевска.
Коморите потсетија дека пред две години беше потпишана декларацијата „Стоп на насилството“ и побараа тоа да се реализира и да не остане само на хартија.
Заменик-министерот за внатрешни работи Нухиу кажа дека за овој проблем единствено решение е приватно обезбедување, бидејќи полицијата реагира само кога е нарушен јавниот ред и мир и дека Министерството за внатрешни работи може да процесуира вакви напади само кога има цврсти докази.
„Кога нема цврсти докази МВР нема капацитет да одлучува, туку супремацијата е на Јавното обвинителство“, рече Нухиу.
На ова претседателката на Лекарската Комора Стрделова Гривчева потсети дека во случајот со претепаниот лекар во тетовската болница тоа се случувало во присуство на полицијата.
Е. БОЧВАРОСКА