СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ СЀ ШТО МОЖЕШЕ, СЕГА НА РЕД СЕ ЛИДЕРИТЕ НА ЕУ, КАЖА ТУСК ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ

    СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ СЀ ШТО МОЖЕШЕ, СЕГА НА РЕД СЕ ЛИДЕРИТЕ НА ЕУ, КАЖА ТУСК ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВПремиерот Зоран Заев кажа дека на 15 октомври очекува земјава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. - Од пречекот на Туск пред Владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Северна Македонија направи сѐ што можеше за добивање датум за почеток на преговорите за членство со Европската унија, кажа претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата со премиерот Зоран Заев во Владата.

    Туск, кој денеска е во официјална посета на земјава, ја пофали македонската влада за справување со мигрантската криза, постигнување на Договорот со Бугарија и Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, како и за заложбите за владеење на право и борбата против корупцијата.

    „Покажавте политичка зрелост, импресивно е тоа што го направивте изминатиот период. Мојот личен став е дека вашата земја направи сè за добивање датум за почеток на преговорите и сега е ред на европските лидери. Не постои сомнеж во Брисел за заложбите на Владата за владеење на правото. Вие го завршивте своето“, кажа Туск.

    Премиерот Заев кажа дека на 15 октомври очекува земјава да добие датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

    „Нема сомнеж дека земјава влегува во трансформациско патување. Нѐ чека интензивна работа за трансформација на нашата земја за да станеме членка на Европската унија. Случајот ’Рекет‘ е силен тест за судството, независноста на правосудниот систем и нашата борба за владеење на правото. Очекувам во октомври да го крунисаме заедничкиот успех“, рече Заев.

    Туск денеска имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски во Вилата Водно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира