Во продолжение на вкупно 25-те бомби за „Монструм“, на повтореното судење за петкратното убиство кај Смиљковското езеро пред 7 години, излезе на површина одбивањето на тогашниот министер за правда Блерим Беџети да го испрати барањето за екстрадиција за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во Косово, но и противуслугите што ги бара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за да го потпише барањето.
Во разговор меѓу тогашниот директор на БЈБ Љупчо Тодоровски и Мијалков, првиот прашува: „Како да му направиме притисок на Блерим да потпише?“
„Ќе му направиме, не се секирај, како може да не потпише!“, му одговара Мијалков.
Потоа Беџети зборува со Јанкулоска, ѝ кажува дека утредента, на 15 март 2013 година, ќе го испрати до Приштина барањето за екстрадиција.
„Само, те молам, тоа да биде без медиумска помпа“, бара тој од неа.
„Одлично Блерим, битно е да се испрати. Со датумот за екстрадиција потоа може да се калкулира“, му вели таа.
„Ама и пред избори види да нема судско рочиште“, бара Беџети.
„Нема проблем, нема да има судење пред избори“, го уверува Јанкулоска.
На 3 март 2013 година, министерот за внатрешни работи на Косово Бајрам Реџепи ѝ јавува на Јанкулоска дека двајцата главни обвинети ќе бидат екстрадирани. Само ѝ вели, да не настане некоја дилема и забуна.
„Се надевам тие се со сигурност“, вели Реџепи.
„Се надевам нашите ќе го потврдат идентитетот“, му вели Јанкулоска и му се заблагодарува на соработката.
Претходно, за притворањето на Демири и Исмаиловиќ во Косово, Мијалков прво му соопштува на новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас:
„Кај си бе началниче! Имам топ вест за тебе. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири ги уапсија во Косово. Јави им на твоите за брејкинг њуз“, му вели Мијалков на Павловиќ.
„Ааа одлично, браво! А кога ќе ги донесат?, прашува Павловиќ, но не добива одговор.
До денеска косовските власти ги немаат екстрадирано Демири и Исмаиловиќ, за кои во обвинението и при повтореното судење, се тврди со докази дека токму тие на 12 април 2012 година ги убија Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски.
С.К. ДЕЛЕВСКА