Имиџот на канадскиот премиер Џастин Трудо дополнително би можел да биде нарушен откако се појави трета снимка во која што тој има црно бојосано лице, што се случува на неколку недели до парламентарните избори.
Трудо вчера се извини за две други слични фотографии, опишувајќи го таквото однесување како расистичко, а во новиот клип, за кој не е познато кога е снимен, тој има бојосани и раце и нозе.
„Глобал њуз“ соопшти дека го добил материјалот пред неколку дена, но почекал со објавувањето додека не се потврди неговата автентичност. Од Либералната партија денеска потврдија дека и на најновата снимка е Трудо, за кого се верува дека тука е во рани 20-ти години.
Само ден претходно, магазинот „Тајм“ објави фотографии од Трудо од два различни настана, на кои што тој има бојосано лице и носи турбан. И овие фотографии се направени пред повеќе од 15 години.
„Длабоко жалам за моите постапки, требаше да знам дека тоа не е во ред“, кажа Трудо вчера.