Никогаш не можете да говорите за умирање ако ја имате во предвид моќта на здивот на животот, порача градоначалничката на Битола Наташа Петровска на свеченoто затворање на јубилејнoто 40. фестивалскo издание на „Браќа Манаки“ вечерва во Битола.
Обраќајќи се вака од бината Петровска индиректно им одговори на независната иницијатива Поинаку за герилата што ја направија на отворањето на фестивалот носејќи маички со натпис „Кажете им на облаците дека Битола умира“.
„Видовме како 40 години умееме да танцуваме со светлината, да ги допираме ѕвездите и да уживаме во филмот. Ви посакувам добро здравје и да имаме следни 40 вакви години со кои ќе всадиме нешто ново во иднината. Понесете убави спомени од фестивалските денови“, рече Петровска.
Со маички на кои на англиски пишуваше „Кажи им на облаците дека Битола умира“, на отварањето фестивалот „Бараќа Манаки“ продефилираа советниците Габриела Илиевска и Иван Чулакоски од независната иницијатива „Поинаку“ заедно со други приврзаници. Нивниот слоган беше пандан на годинешното мото на Фестивалот „Кажи им на облаците“.
Вечерва се доделуваат наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300. Салата не се исполни до последното столче, но на црвениот тепих поминаа политичари, уметници, директори на институции, филмаџии и многу повеќе битолчани отколку на отворањето.
Лауреатот на Златна камера 300 за животно дело, грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис пред публиката се обрати на грчки јазик. Тој рече дека неговиот англиски не е добар, па побара дозвола да се обрати на својот јазик.
Зборувајќи на грчки јазик тој рече дека многу му е мило што е присутен на овој фестивал бидејќи неговите корени се од оваа близина и дека има влашко потекло.
Годинава има и поставено и специјална патека за лица со инвалидски колички да можат да го следат фестивалот, а ја изработи ФОД Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА